Покрај тоа што е вкусен есенски плод, костенот содржи бројни витамини, минерали и антиоксиданси кои спречуваат низа болести и го чуваат здравјето.
Костенот содржи најмногу јаглехидрати (околу 43% скроб и околу 4% шеќер), протеини, малку масти и растителни влакна. Богат е со витамини од Б групата, провитамин А и витамин Ц. Од минералните материи се присутни калиум, калциум, магнезиум, фосфор, сулфур, хлор, железо, манган и бакар.
Костените имаат широка примена во кулинарството. Тие најчесто се консумираат варени, печени или во вид на пире. Овој плод може да се користи и за правење на палачинки, леб и колачи. Варениот костен е побогат со минерални материи додека печениот содржи поголема количина на енергетски состојки (протеини, масти и јаглехидрати).
Бирајте сјајни, кафеави, свежи и млади плодови. Избегнувајте ги старите и полесните плодови бидејќи тие се тешки за печење. Чувајте ги во фрижидер за да не се сушат.
Дивиот костен не се консумира бидејќи содржи одредена количина на отровот ескулин. Иако е отровен доколку се внесе во организмот, семето и листовите даваат позитивни резултати при лекувањето на проширени вени и хемороиди. Семето помага во регулирање на зголемена простата, дијареа и треска, а листовите лекуваат настинки и артритис. Екстрактот од семе од див костен ја подобрува циркулацијата.
Костенот влијае на правилното функционирање на нервниот систем, има антиоксидативно делување, го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести и ја подобрува работата на мозокот. Се користи против настинки, дијареа и астма. Содржината на растителни влакна дава чувство на ситост, го намалува притисокот во цревата, влијае на намалување на холестеролот, триглицеридите и количината на токсични супстанци во организмот. Јаглехидратите присутни во костенот даваат енергија која долго трае, а 100 грама костени содржат околу 213 калории.