Лара Иванова за Точка: „Жал ми е што оваа година на Макфест нема да се пее во живо, но најважно ми е песната да допре до публиката“

Точка

15/09/2020

21:54

15.317

Големина на фонт

а а а

Минатата година, на Макфест 2019, имавме чест да ја запознаеме тогаш 15-годишната Лара Иванова, која освен што нѝ го привлече вниманието поради тоа што беше најмала учесничка, таа целосно нè освои после својот неверојатен настап.

Лара има 16 години и од неодамна е дел од семејството на „Промостејџ“. Оваа талентирана тинејџерка има премногу квалитети во себе и постојано ги изненадува почитувачите на нејзиниот животен правец. Инаку, Иванова периодов се подготвува и за овогодишниот Макфест, каде по вторпат ќе се претстави со балада - уште едно дело на Иле Спасев. Очекуваме оваа година да се закити со некој висок пласман, а дотогаш, ви носиме кратко интервју со младата пејачка. 

Не пропуштајте: Новиот бисер на македонската музичка сцена: Најмладата изведувачка на „Макфест“ со неверојатно емотивен настап

Лара, помина речиси една година од нашето прво интервју. Колку ти се промени животот оттогаш?

Искрено, мислам дека на сите ни се промени животот во последниве неколку месеци, со оглед на тоа дека можеше поактивно да се работи доколку не беше ситуацијата таква каква што е сега, но што е, тука е. Јас продолжив и понатаму да работам на полето на музиката и да се усовршувам, работејќи со Иле Спасев. 

Што се случуваше после Макфест, колкава популарност ти донесе неверојатната изведба на „Кој те учи така“? 

После успехот на Макфест со композицијата „Кој те учи така“, навистина добив многу пофалби и позитивни критики со оглед на тоа што имав само петнаесет години и бев најмлад учесник на фестивалот. Секако, со тоа и популарноста си дојде сама по себе. 

[фото: Стефан Соколовски]

Што нѝ подготви за Макфест 2020? Ќе нѝ откриеш ли како се вика песната и кој се потпишува како автор позади неа? 

И оваа година на Макфест ќе настапам со прекрасна балада, насловена „За нас“. Музиката, аранжманот и продукцијата се дело на Иле Спасев, а за текстот се погрижи Робин Зимбаков. 

Какви ти се плановите во однос на спот за песната? 

Видео записот е веќе готов, и е дело на Огнен Шапковски и Мелем Продукција. Навистина е прекрасен и се надевам дека ќе ѝ се допадне на публиката. 

Минатата година навистина нè остави без зборови со твоите вокални способности, а и песната беше совршено искомпонирана според нив. Дали оваа година може да очекуваме победа, какви се твоите очекувања? 

Навистина многу ми е жал што оваа година на Макфест нема да се пее во живо, затоа што повторно песната е компонирана за да можам да ги покажам своите вокални способности, но сепак, најважно ми е таа да допре до публиката и да остане слушана, без разлика дали ќе добие некоја награда. 

Која светска ѕвезда ти е репер? 

Не би можела да издвојам една светска ѕвезда во целина како репер, но еве, би ги спомнала Адел, Били Ајлиш, Ријана, Аријана Гранде. 

Колку популарноста ти влијае на секојдневниот живот, училишните обврски..? 

И покрај тоа што популарноста е зголемена, а со тоа и обврските, и понатаму се трудам да бидам успешна на сите полиња и да давам максимум од себе. 

[фото: Стефан Соколовски]

За крај, со која песна 'се опседнува' Лара во последно време? 

Би рекла дека постојано сум опкружена со музика, а моментално сум опседната со “My future” од Били Ајлиш.


Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг