Навивачите во Англија се враќаат на трибините: Нема да смеат да пеат и да дофрлаат

Точка

14/08/2020

20:26

2.461

Големина на фонт

а а а

Новата сезона во англиската Премиер лига почнува на 12-ти септември. Иако ќе започне без гледачи, надлежните служби веќе разработиле план за нивно враќање на трибините, пренесува "Index.hr".

Се очекува дека кон крајот на септември клубовите полека ќе го отвораат трибините, додека веќе во октомври ќе може да се види поголем број на навивачи на стадионите. Меѓутоа, секој навивач со купената влезница ќе се согласи на новите правила за однесување, за во поголема мера да се ограничи заканата од ширење на коронавирусот. 

Како прва точка во новите правила за однесување се наоѓа препораката на стадионите да не доаѓаат луѓе кои имаат симптоми налик на коронавирусот, како и оние кои биле во контакт со такви луѓе. Со оглед на тоа дека не постои начин клубовите и обезбедувањето на стадионите да утврдат кои навивачи претставуваат закана по оваа точка, надлежните апелираат навивачите да ги заштитат оние околу себе и да избегнуваат доаѓање на натпреварите ако се сомневаат во своето здравје.

Што се однесува до самиот влез на стадионот, клубовите ќе изработат посебни процедури за влегување и излегување за да ги спречат метежите таму каде што најлесно настануваат, а тоа е на влезовите и излезите од стадионите. Навивачите нема да влегуваат и излегуваат во исто време.

На трибините ќе мора да се почитуваат мерките за социјално дистанцирање, па навивачите нема да може да седат едни покрај други. Исто така, ширум стадионот ќе бидат поставени средства за дезинфекција.

Тоа што дополнително ќе придонесе за бизарното окружение на стадионите е најавата дека на навивачите ќе им биде забрането да пеат и да навиваат со оглед на тоа дека вирусот се пренесува и преку воздух. Таквата вест не наишла на одобрување од навивачите кои на социјалните мрежи ја исмејуваат таквата одлука, но изгледа дека барем во почетната фаза натпреварите ќе се гледаат во тишина.



Спонзорирани линкови

Маркетинг