„Обединетите Арапски Емирати со тајни калкулации преку американскиот план кој секако е мртвороден и нема легитимност ја игнорираат волјата на Палестина“, порачаа од министерството за надворешни работи на Турција.
Оваа реакција на турското министерство доаѓа откако синоќа Израел и Обединетите Арапски Емирати потпишаа договор за нормализација на односите помеѓу двете земји.
Според Турците, исклучително загрижувачко е тоа што ОАЕ се обидува еднострано да го укине Арапскиот мировен план од 2002-ра година кој го усвои Арапската лига на чело со Саудиска Арабија, а кој беше поддржан од Организацијата за исламска соработка.
Поради тоа, според властите од Анкара, Обединетите Арапски Емирати немаат овластување да преговараат со Израел во името на Палестинците.
Израел и Обединетите Арапски Емирати го изненадија светот, постигнувајќи историски договор кој ќе доведе до нормализирање на дипломатските односи на двете земји од Блискиот исток. Договорот беше постигнат со посредување на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Во заедничкото соопштение, наведено е дека овој договор ќе промовира мир во регионот на Блискиот исток. Обединетите Арапски Емирати се третата арапска земја после Египет и Јордан која со Израел потпиша договор за нормализација на односите.