Ќе правиме ли пак револуција? Никогаш повеќе: Младите Белоруси морале пред камера да ветат дека повеќе нема да протестираат

Точка

13/08/2020

19:49

3.335

Големина на фонт

а а а

Протестите во Белорусија продолжиле и во средата навечер, четврта вечер по изборите на кои победил актуелниот претседател Александар Лукашенко, а кои демонстрантите и опозицијата со добра причина ги сметаат за наместени.

Самото министерство за внатрешни работи признало дека полицијата во градот Брест, освен со вообичаениот солзавец, гумени куршуми и шок-гранати, пукала и со огнено оружје во демонстрантите кои кон неа тргнале со метални шипки, додавајќи дека еден демонстрант бил ранет во пукањето. 

Исто така, министерството вчера соопштило дека 6.000 демонстранти биле уапсени на протестите. Утрово било соопштено дека биле уапсени уште 700 демонстранти, со што бројот се искачил на речиси 7.000 - во земјата со помалку од 10 милиони жители.

А сега белоруската телевизија објавила и снимка од некои од уапсените демонстранти, од кои некои крвави и со други видливи повреди. Полицајците пред камерата ги прашуваат дали и натаму сакаат револуција.

"Дали уште ќе правиме револуција? Никогаш повеќе"

На снимката која ја објавил и аналитичарот Алекс Кокчаров на Твитер, се гледаат млади луѓе со лисици на рацете, прво завртени кон ѕидот, а потоа и завртени кон камерата.

"Во Белорусија државната телевизија покажува очигледно преплашување на уапсените демонстранти. Веројатно се претепани пред јавното ветување дека никогаш повеќе нема да учествуваат во протести против Лукашенко. ОВа се случува во Европа во 2020-та година. Едноставно грозно", напишал Кокчаров покрај видеото.

Снимката на Твитер ја објавил и новинарот на независниот "Organized Crime and Corruption Reporting Project", Илија Лозовски.

"Ова е апсолутно гротескно. Белоруската телевизија покажува очигледно преплашени, повредени млади луѓе. "Ќе правиме ли уште револуција?", прашува полицаецот. "Никогаш повеќе", одговараат тие", напишал Лозовски.

Најмалку две лица загинале во досегашните протести - еден 25-годишен демонстрант во затвор во средата, што и потврдиле белоруските власти, и друг кој починал од експлозија на шок-граната, при што полицијата тврди дека направата експлодирала во неговата рака.

Меѓутоа, мајката на починатото момче за "Радио Слободна Европа" рекла дека нејзиниот син имал срцеви проблеми, а дека полицајците го тепале. Тој не учествувал во протестите туку бил уапсен на улица додека одел да ја посети својата девојка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг