Последната деценија е најтоплата откако е започнато да се мерат температурите на воздухот и да се води статистика, потврдија научниците.
Извештајот во кој се предупредува на последиците од глобалното затоплување го направија 520 научници од 60 земји, а тој покажува дека секоја деценија од 1980-та година е потопла од претходната, пренесува британски „Гардијан“.
Најтопол е периодот од 2010-та до 2019-та година, а температурата значително порасна од 2014-та до 2019-та година кога беа регистрирани и рекордно високите температури.
Станува збор за периодот кога Европа, САД и Индија беа погодени од големи топлотни бранови. Во тој период беа измерени високи температури и на Арктикот, а пожари беснееа од Калифорнија, па се до Грција и Австралија.
Климатологот од Универзитетот Пен, Мајкл Ман предупреди дека во претстојната декада мора итно да се делува со цел да се намали порастот на температурите.