Интерпол ќе испрати тим на експерти во Бејрут за да им помогне на либанските власти во истрагата за колосалната експлозија која разурна половина град.
„На барање на либанските власти, Интерпол испраќа специјализиран тим во Бејрут после експлозијата во која загинаа повеќе од 150 луѓе и беше уништен голем дел од градот“, стои во соопштението на Интерпол.
Меѓународниот тим кој опфаќа експерти за идентификација на жртвите од катастрофата ќе пружи помош на лице место.
Генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток изјави дека искуството на организацијата ќе им пружи значајна помош на либанските власти и тие ќе продолжат да даваат секаква помош која ќе биде побарана од Либан.