Точка ТВ: Социјалниот експеримент на УНИЦЕФ со девојчето Анано го растажи светот

Точка

07/08/2020

13:43

1.343

Големина на фонт

а а а

6-годишното девојче Анано било ангажирано за едно истражување од страна на УНИЦЕФ, со цел верно да се прикаже животот на сиромашните деца без родители или кров над глава.

Видеото било снимано во Тбилиси, Грузија, а истото растажило милиони луѓе ширум светот. На почетокот, Анано стоела сама во центарот на градот, облечена во сиво фустанче, чизми и капут, а тажниот израз на лицето го привлекло вниманието на случајните минувачи кои започнале да ѝ приоѓаат. 

“Како се викаш?”, “Колку години имаш?”, “Дали си изгубена?”, биле дел од прашањата на минувачите кои се обидувале да му помогнат на осаменото девојче, а еден човек дури и повикал полиција.


Но, потоа организаторите целосно го промениле нејзиниот изглед – ѝ го извалкале лицето, ја облекле во валкана облека и искинати патики, по што Анано изгледала како бездомник. Таа повторно стоела на истото место, но овојпат залудно чекала – никој не ѝ пришол. Луѓето проаѓале покрај неа како да е невидлива и никој не застанал да ја праша зошто стои сама.


Истиот експеримент бил спроведен и во ресторан на еден познат трговски центар. Имено, убаво средената Анано приоѓала до масите во ресторанот, а луѓето со воодушевување ја прифаќале. Тие ѝ нуделе колачиња, сок... и ја прашувале каде се нејзините родители.

Но, кога девојчето повторно го облекле во неговите стари алишта, ситуацијата била потполно поинаква.

Една жена веднаш ја тргнала чантата штом девојчето се доближило до неа. Сите ја гледале Анано со презир и ја бркале сè додека експериментот не бил нагло прекинат бидејќи девојчето се расплакало поради погрдните зборови кои сограѓаните ѝ ги упатувале.


“Ме отфрлија бидејќи лицето и облеката ми беа валкани. Тоа ме растажи, сите ми велеа да си одам”, изјавило девојчето со тажно лице.

Оваа приказна натера милиони луѓе ширум светот да се замислат за децата кои секојдневно се отфрлани, навредувани и злоставувани од општеството.



Спонзорирани линкови

Маркетинг