Вчера играше на „Олд Трафорд“ за Манчестер Јунајтед, денес реализира трансфер во Бундеслигата

Дерби

06/08/2020

14:36

2.885

Големина на фонт

а а а

Оле Гунар Солскјер се чини знае што прави кога во прашање се фудбалерите со кои во моментов располага.

Норвежанецот како ниту еден негов претходник во пост Фергусон ерата се ослободи од фудбалерите кои заработуваа големи пари, а не придонесуваа многу за клубот.

Последен е случајот со Алексис Санчез за кого е потврдено дека ќе се пресели во Интер на перманентна основа, а официјализација на тоа треба да добиеме во текот на денешниот ден.

Солскјер одлично управува и со младите фудбалери, па така дел од нив ги прати на позајмица, а дел допрва ќе заминат на калење со цел да добијат дополнителна минутажа во пресрет на новите предизвици во клубот.

Така, младиот Тахит Чонг кој вчера играше против ЛАСК Линц се наоѓа пред трансфер во редовите на Вердер Бремен.

Станува збор за позајмица без право на откуп на договорот откако Чонг пред само неколку месеци ја продолжи соработката со Манчестер Јунајтед.

Неговиот агент веќе имал разговори со спортскиот директор на Вердер, Франк Бауман како и со тренерот на клубот, па официјализација на позајмицата би можела да се случи уште денеска.

– Тахит сака да се пресели во Бундеслигата. Зборувавме со Манчестер Јунајтед за тоа во вторникот, -кратко изјави Еркан Алкан, агентот на талентираниот фудбалер на „ѓаволите“.

Чонг во последен момент го продолжи договорот со Манчестер Јунајтед и се реши да остане во клубот. За Холанѓанецот имаше огромен интерес од Интер и Јувентус кои сакаа да го видат во своите редови.



Спонзорирани линкови

Маркетинг