Расте бројот на жртви од катастрофата во Бејрут: Експлозијата била силна како земјотрес, воведена е вонредна состојба

Точка

05/08/2020

08:45

3.379

Големина на фонт

а а а

Врховниот совет на одбраната на Либан го прогласи Бејрут за град погоден од елементарна катастрофа и предложи Владата да воведе вонредна состојба после серијата на експлозии во кои загинаа над 100 луѓе, а повредени се повеќе од 4 илјади.

На итниот состанок на Советот било одлучено да се формира посебна комисија која ќе ја истражи причината за несреќата на пристаништето во централниот дел на Бејрут, а извештајот би требало да биде завршен за пет дена.

Поголемиот дел од Бејрут во текот на ноќта остана во мрак, пожарникарите и натаму ги гасат опожарените места, а црн чад го обви практично целиот град.

Според зборовите на министерот за здравство, Хасан Хамид, болниците се преполни со повредени, па во центарот на градот и хотелите започнале да ги примаат полесно повредените пациенти.

Експлозијата била еквивалентна на земјотрес од 3,5 степени според германскиот геонаучен центар "GFZ", а експлозијата се слушнала и почувствувала дури и подалеку од Кипар на далечина поголема од 200 километри.

Засега конкретната причина за експлозиите не е позната, а претседателот на земјата, Мишел Аун изјави дека е недозволиво 2,750 тони амонијак, за кој се претпоставува дека е главната причина за екплозијата, да бидат оставени во магацин цели шест години без никаков надзор.

Шефот на државната безбедност, Абас Ибрахим изјави дека експлозијата е можеби предизвикана од високо експлозивен материјал кој бил запленет од брод пред некое време и бил складиран на пристаништето.



Спонзорирани линкови

Маркетинг