Израел ја бомбардираше Сирија

Макфакс

04/08/2020

11:35

2.087

Големина на фонт

а а а

Израелски борбени авиони и хеликоптери ги нападнаа воените цели на сириската армија.

Бомбардирањето се случило неколку часа откако било спречено уфрлувањето екстремисти од Сирија, кои се обиделе да подметнат експлозиви, соопшти израелската армија.

Во военото соопштение за бомбардирањето на соседна Сирија, кое инаку израелската армија ретко го дава, се наведува дека целите се „пунктови за набљудување, противвоздушни артилериски објекти и системи за командување и контрола“ во сириските воени бази.

Сирија ги потврди нападите, велејќи дека израелските хеликоптери испукале ракети кон сириските воени пунктови и дека имало материјална штета.

Тоа се случува во време на засилени тензии на северната граница на Израел по неодамнешниот израелски воздушен напад во кој е убиен борец на либански Хезболах во Сирија и во очекување на одговор од таа проиранска шиитска организација.

Претходно во понеделникот, израелскиот воен портпарол Џонатан Конрикус изјави дека израелските војници забележале „нерегуларна“ активност на Голанската Висорамнина и отвориле оган врз екстремистите, од кои некои биле вооружени, бидејќи ги гледале како поставуваат експлозив на земја.

Нема официјална потврда дека четворица напаѓачи биле убиени, но армијата објави видео на кое се гледа како четири лица се оддалечуваат од жичената ограда на границата, а потоа исчезнуваат во голема експлозија што ја зафати областа.

Израелската војска не соопшти дали четворицата биле поврзани со Иран или Хезболах, двата сириски сојузници, туку само дека Израел ја смета сириската влада одговорна за инцидентот.

Обраќајќи се пред пратениците на неговата конзервативна партија Ликуд, израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху рече дека Израел „спречил обид за саботажа на сирискиот фронт“, најавувајќи дека земјата ќе продолжи да ги „повредува сите оние што се обидуваат да нè повредат и сите оние што нè повредуваат“.

Израел ја освои Голанската Висорамнина од Сирија во војната во 1967 година и подоцна ја анектираше територијата.

Само САД ја признаа анексијата на Израел.



Спонзорирани линкови

Маркетинг