Влатко Стефановски: „Нас први нè укинаа и последни ќе нѝ дозволат да работиме“

Точка

26/07/2020

14:38

3.379

Големина на фонт

а а а

„Ние, луѓето од уметноста, градиме мостови, јас можам да напишан песна, а не да направам пат, тоа е работа на политичарите“, изјави за бугарската новинска агенција БГНЕС гитаристот Влатко Стефановски кој со своето трио гостува на џез-фестивалот во Благоевград.

Во текстот во кој БГНЕС го нарекува легендарниот Стефановски и потсетува дека е основач на групата „Леб и сол“, дека е гитарист и автор на десетици песни, меѓу кои во Бугарија е најпопуларна „Бел коњ (Ромска песна)“, нашиот музичар вели дека му е пријатно во Благоевград и дека не е првпат таму.

„Сум бил на блуз-фестивалот, како и пред 40 години со мојата група „Леб и сол“ на тогашните меѓугранични средби организирани од луѓето разделени со границата. Сум свирел и во Петрич, честопати одам во Банско. Имам тука многу пријатели и се радувам што вечерва настапуваме на џез-фестивалот овде. Уште подраго ми е што во овие чудни ситуации во кои се наоѓаме сите, некој се интересира за музика и да може да се одржи концерт. Тоа е привилегија и голема радост за нас“, вели Стефановски.

Стефановски истакнува дека многу долго време сите се под некакво чудно ембарго, пет месеци не свиреле никаде. Тоа е и за многу негови колеги голем проблем бидејќи има луѓе кои свират свадби, а свадбите се укинаа и ги нема.

„Нас први нѐ укинаа и верувам и последни ќе нѝ дозволат да работиме. Ние не правиме пица, не произведуваме пиво, ние, сепак, правиме уметност, култура. Се плашам за човештвото ако продолжи да живее без култура, не знам каде ќе отиде цивилизацијата. Не може да се живее без култура, без театар, да не се снимаат филмови. Многу ретки се концертите, не знам како ќе се живее понатаму. Не е дека јас којзнае колку сакам да патувам и да свирам, но имам потреба како публика да отидам некаде и да гледам концерт. Не можам само телевизија да гледам цел ден“, истакнува Стефановски.




Спонзорирани линкови

Маркетинг