Гледачите на украинската телевизија “TCH” доживеале неочекувана претстава кога на водителката Маричка Падалко, среде известување во живо ѝ паднал заб.
Камерата, секако, го забележала целиот момент, а видеото брзо започнало да се споделува на социјалните мрежи. Она што на многумина им “паднало во очи” не бил самиот факт дека ѝ паднал забот, туку нејзината смирена реакција.
Маричка, не престанувајќи да зборува, го фатила забот со раката и продолжила да известува како ништо да не се случило. И самата ја споделила снимката на Инстаграм и објаснила како дошло до моментот.
“Новата слава пристигна од никаде. Да, денеска навистина го изгубив предниот заб во текот на преносот во живо. Ова е веројатно најинтересното искуство во 20 години пред камерите. Преносот во живо е прекрасен бидејќи е секогаш непредвидлив”, напишала таа.
“Една колешка ми напиша дека сум изреагирала како секојдневно да губам заби. Не, не ги губам секој ден, но одлучив да го исправам проблемот кој ми се случи пред 10 години. Во спалната соба имав тежок метален будилник кој многу ѝ се допаѓаше на мојата ќерка. Го зграби и почна да мавта околу мојата глава додека спиев. И кога се проѕевав, ми скрши половина заб. Сега конечно се одлучив за порадикална поправка, но не бев доволно внимателна околу советот на стоматологот да не ја џвакам храната со предните заби до крајот на лекувањето. Затоа и се случи ова”.
Водителката се потсетила и на една ситуација од 2013 година кога, исто така во пренос во живо, дознала дека нејзиниот сопруг е уапсен. Во таа прилика се емитувале и снимки од нејзиниот сопруг во притвор.