Овој човек веќе 31 година живее сам на остров, но сега ќе мора да се исели...

Точка

16/07/2020

15:46

2.774

Големина на фонт

а а а

81-годишниот Мауро Моранди кој е исто така познат како италијанскиот „Робинсон Крусо“, од 1989-та година живее на островот Будели кој е дел од архипелагот Мадалена во близина на Сардинија.

Таа година, една незгода со неговиот чамец го довела на напуштениот остров кој е познат по своите розови плажи и беспрекорно чиста вода. Набрзо потоа одлучил островот да стане неговиот нов дом.

Се населил во засолниште од Втората светска војна со поглед на море. Го запознал секој дел од островот и неговиот жив свет и одлучил да стане негов заштитник. Сега, поради одлуката на власта, тој до крајот на годината ќе мора да го напушти островот, затоа што Будели ќе стане опсерваторија за заштита на околината.

На туристите уште од 90-тите години им било забрането да ја посетуваат розевата плажа и да се капат во морето. Но, во текот на денот им било дозволено да го посетат островот со чамец и да пешачат на патеките зад познатата плажа.

Со години Моранди се грижел за околината и ги чистел патеките. Во целосна изолација, далеку од своето родно место Модена во Емилија Ромања, Моранди добивал само по неколкумина посетители и тоа најчесто во летниот период. Луѓето кои што доаѓале на еднодневен излет со своите јахти ги запознавал со екосистемот на островот.

За жал, на италијанскиот Робинсон Крусо, мирниот живот во природата сега би можел да биде нагло прекинат.

„Помислата на враќањето во живот и општество кое лошо се однесува кон природата е многу вознемирувачки факт. Природата треба да се сака и да се почитува“, изјави Моранди за „Гардијан“.

Неговата улога на заштитник на екосистемот дојде под закана во 2013-та година кога компанијата во чија сопственост бил островот банкротирала, па новозеландскиот бизнисмен Малколм Харт влегол во трка да го купи. Иако ветил дека Моранди ќе го задржи на островот, сепак купувањето на островот пропаднало по интервенцијата на италијанската влада, а судијата од Сардинија во 2016-та година пресудил островот да ѝ се врати на државата.

Со островот Будели сега управува Националниот парк Ла Мадалена и постојат планоиви да се направи центар за образование за островот. Поради тоа, Моранди мора да се исели од својот дом до крајот на годината, иако тој тврди дека „нема друг дом“.


„Разбирам дека на островот треба да работат и дека јас не би требало да бидам тука додека тоа се случува, но би сакал да знам дали ќе можам да се вратам потоа за да бидам чувар на островот“, вели Моранди.

Моранди последен пат го напуштил островот во 2018-та година за да ги посети своите деца во Модена. Храната му се доставува со брод, а соларниот систем му обезбедува електрична енерија во текот на целата година. Во текот на зимата кога нема посетители, тој собира дрва и претежно чита книги и спие. Моранди вели дека не се разболел додека живеел на островот.

Иако долго време му одолевал на модерниот живот, сега секојдневно користи Инстаграм и неговите фотографии од островот станаа сензација на социјхалните мрежи. Тој моментално има над 50 илјади следбеници.



Спонзорирани линкови

Маркетинг