Србија воведува нови рестрикции поради коронавирусот, најстрого ќе биде во Белград

Макфакс

09/07/2020

16:41

2.525

Големина на фонт

а а а

Во Србија, која веќе два дена е потресена од големи немири, донесени се нови мерки за превенција од коронавирусот. Како што претходно беше најавено, денека состанок одржа Кризниот штаб во земјата.

По седницата, премиерката Ана Брнабиќ ги објави новите мерки.

„Се договоривме да нема мерки за целата територија на Србија, туку да се фокусираме онаму каде што ситуацијата е вонредна и нестабилна, онаму каде што нема потреба да се воведе вонредна состојба, ќе ги оставиме граѓаните да живеат и да прават прослави“, рече Брнабиќ.

По ова, таа нагласи дека ситуацијата со вирусот е најкритична во Белград.

„Денеска, донесовме мерки само за Белград. Целосна забрана за собирање повеќе од 10 луѓе на отворено и на затворено. Секој угостителски објект, продавница, аптека, ќе мора да има јасно истакнато колку луѓе е дозволено да престојуваат во моментот, а според одредбите, тоа е еден човек на четири квадратни метри. Третата мерка е ограничување на работното време на објектите со затворен простор, со забрана што ќе важи од 21 часот до 6 наутро“, рече Брнабиќ и додаде дека сите овие мерки ќе бидат привремени бидејќи, штом се создадат услови за нормален живот, тие ќе бидат укинати.

Премиерката исто така најави дека се очекува и пораст на бројките на заразени по вчерашните и завчерашните протести и нагласи дека овие собири сигурно многу ќе влијаат врз епидемиолошката слика. Покрај тоа, како голем проблем Брнабиќ го наведе прашањето како од септември ќе се организира наставата во училиштата.

Вчера, во Србија беа регистрирани 357 новозаразени и 11 смрни случаи, што, како што рече претседателот Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста, е втор најлош ден по бројот на новозаразени од почетокот на епидемијата во земјата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг