Пендаровски: Полигонот за вежби „Криволак“ е еден од нашите ресурси што можеме да му ги понудиме на НАТО

Макфакс

09/07/2020

16:39

1.100

Големина на фонт

а а а

Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, ги посети припадниците на Армијата во армискиот полигон „Криволак“. Истовремено, Пендаровски изврши обиколка на инженерската единица која изведува инженерски работи во рамките на проектот за уредување на полигонот.

Одговорните команданти го информираа претседателот Пендаровски дека, почнувајќи пред 2 месеца, инженерскиот баталјон заедно со Канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на САД, реализира проекти за поправка на постојната патна инфраструктура, како и за обележување и пробивање траси за нови патни правци.

Исто така, одговорните на полигонот го информираа претседателот Пендаровски за тековните, како и за идните планирани активности во насока на инфраструктурно подобрување на „Криволак“, со систем обиколница и внатрешно поврзување со вкупна должина од 74 км, со подготовка за воспоставување влезови на полигонот од север, запад и од исток. Со новата инфраструктура, како што истакнаа претставниците на инженерскиот баталјон, ќе се зголеми мобилноста во рамките на полигонот, како и капацитетот за изведување вежби на ранг на други развиени земји.

Како 30-та земја членка на НАТО, Северна Македонија, како што рече претседателот Пендаровски, има што да им понуди на своите сојузници во алијансата.

„Полигонот за вежби „Криволак“, во кој изминатиот период се вложува многу со цел да се модернизира армискиот полигон, е еден од нашите ресурси што можеме да му ги понудиме на НАТО“, додаде претседателот Пендаровски.

При посетата на армискиот полигон „Криволак“ претседателот Пендаровски беше информиран и за претстојната вежба „Одлучен удар 21“, како и за интензивната соработка на нашата Армија со Канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на САД. Во рамките на таа соработка е и донацијата на материјали за изградба и поправка на патната инфраструктура на полигонот „Криволак”. Ова, како што истакна претседателот Пендаровски, е директна придобивка од членството на Северна Македонија во НАТО и соработката со САД како еден од нашите најголеми стратешки партнери.



Спонзорирани линкови

Маркетинг