Нафтата е минато, војната за вода е веќе тука: Тензиите помеѓу Египет и Етиопија растат поради Нил и проектот тежок милијарди...

Точка

09/07/2020

14:01

7.081

Големина на фонт

а а а

Тензиите во долгогодишниот спор помеѓу Каиро и Адис Абаба околу изградбата на големата хидроелектрана во Етиопија дојде до ниво на воена ескалација поради најавата на Етиопија дека овој месец ќе започне полнењето на вештачкото езеро на Синиот Нил.

Египет, Етиопија и Судан се во последниот обид за преку преговори да го решат спорот околу проектот „Браната на големата етиописка ренесанса“, пренесува "Financial Times", укажувајќи дека после речиси 10 години неуспешни преговори, тензиите опасно растат.

Етиописките власти соопштија дека без разлика на тоа дали ќе биде постигнат договор кој треба да ја регулира работата на најголемата африканска хидроелектрана, овој месец ќе започнат да го полнат со вода огромниот резервоар за проектот вреден 4,8 милијарди долари.


Етиопија проектот го смета клучен за своите развојни планови и обезбедување на електрична енергија за десетина милиони жители, додека пак во Египет кој целосно зависи од водата на Нил, владее длабока вознемиреност околу идниот недостаток на вода доколку Етиопија има неограничена контрола на протокот на вода во таа река.

Египетските власти стравуваат дека без соодветен механизам за решавање на спорови, нешто што Етиопија го отфрла, ќе бидат препуштени на милоста на властите од Адис Абаба во случај на недостиг на вода. Тоа значи дека би се уништило земјоделието и милиони земјоделци би останале без средства за живот, со оглед на тоа што 86% од водата на Нил која пристигнува во Египет доаѓа од Синиот Нил од Етиопија.

Египет сега се обидува да изврши меѓународен притисок на Етиопија за постигнување на договор за употреба на водата на Нил, истакнува "Wall Street Journal", укажувајќи на тоа дека долгогодишниот спор помеѓу двете африкански земји лесно може да прерасне во воен судир, посебно поради притисокот кој ќе го донесат климатските промени.

Каиро се обрати до Советот за безбедност на Обединетите нации, Арапската лига и други африкански, блискоисточни и европски држава, барајќи да интервенираат. Зголемениот дипломатски притисок има свои ограничувања, додека засега воената акција не треба да се очекува, сметаат аналитичарите.


Низ неколку рунди на преговори, трите земји во последните годни дошле до согласност за околу 90% од спорните прашања, вклучувајќи го и седумгодишниот рок за пополнување на вештачкото езеро. Но, несогласувањата остануваат во врска со мерките за решавање на споровите и дали договорот ќе биде правно обврзувачки.

Етиопија во февруари го одби нацртот на договорот кој го прифати Египет, тврдејќи дека ќе треба да испушти премногу вода во случај на суша. Каиро пак, се повикува на претходните договори кои на Египет и Судан им даваат поголеми права над водите на Нил. Сепак, Етиопија ги отфрла договорите, тврдејќи дека се наследство на британскиот колонијализам.

Климатските промени исто така го зголемуваат притисокот околу прашањето на водата на Нил со оглед на тоа што научна студија од 2019-та година донесе заклучок дека 35% од луѓето кои живеат во базенот на Нил би можеле да се соочат со недостаток на вода до 2040-та година поради порастот на температурата и други влијанија.

Во несогласувањата околу Нил, Египет се заканува со војна додека има се помалку време за компромис.

Сепак, проблемот е далеку поголем од тоа што изгледа, со оглед на тоа што хидроелектраната и браната се олицетворение на еден национален потфат на Етиопија, за земјата од симбол за глад да прерасне во африканска економска сила. Секој од 110-те милиони Етиопијци се акционери во хидроелектраната на предлог на кралот Хајле Селасие во 60-тите години од минатиот век.


Од друга страна, може да се каже дека и самото опстојување на Египет како држава и тоа како зависи од Нил, со оглед на тоа што над 90% од 100-те милиони Египќани живеат долж Нил или во делтата на реката.

Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ал-Сиси во текот на неодамнешната посета на воздушна база им порача на пилотите да бидат подготвени за секоја мисија во и надвор од границите на Египет. Од друга страна, премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед кој минатата година ја доби Нобеловата награда за мир јасно порача дека ниту една сила не може да ја спречи Етиопија да ја гради браната и во случај на војна, милиони Етиопијци ќе бидат подготвени.


Додека дојде до војна, тоа било нерамноправна борба со оглед на тоа што египетската војска минатата година потроши 11,2 милијарди долари, а Етиопија само 350 милиони долари.

Отстапувања се потребни од двете страни за да се избегне воен судир, а преговорите помеѓу трите земји иако продолжија со видео конференција во петокот Адис Абаба и натаму ги одбива повиците да не ја затвора браната пред постигнувањето на договорот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг