Пронајден лек за ХИВ? Пациент од Бразил излекуван само со лекови, една година нема вирус во крвта

Точка

08/07/2020

16:52

4.579

Големина на фонт

а а а

34-годишниот маж од Бразил би можел да биде првиот излекуван пациент од ХИВ во светот. Како што пренесуваат странските медиуми, лекарите му препишале комплекс лекови кои довеле до целосно закрепнување.

“Пациентот Сао Паоло”, како што го нарекле, добил терапија со антиретровирусни лекови. На заболениот пациент му била дијагностицирана болеста во 2012 година и тој бил пионир во лекување на овој вид вирус во рок од 48 недели. По една година резултатите од тестот биле негативни на вирусот ХИВ. 

Д-р Рикардо Дијаз од универзитетот Сао Паоло во Бразил истакнал за британскиот “Телеграф” дека лекарите не можат да го истражат целото тело, но според резултатите кои ги добиле, тие се уверени дека нема заразени клетки.

“Мислам дека ваквиот резултат многу ветува. Овој пациент можеби е целосно излекуван”, навел Дијаз.

Меѓутоа, лекарите кои исто така учествувале во ова истражување изнеле податоци дека 4 заболени пациенти кои примиле иста терапија не покажале позитивни резултати.

Лекарите ширум светот и понатаму се несигурни кога станува збор за ваквиот вид терапија бидејќи иако засега пациентот од Бразил е без вирус во организмот, ќе бидат потребни подетални истражувања за да се докаже дали ваквото лекување е навистина успешно.

Д-р Стив Дикс од Калифорнискиот универзитет во Сан Франциско, кој не бил вклучен во работата, изразил скептицизам.


“Има многу полемики во врска со ова, сите се скептични. Дали сум јас скептичен? Секако! Дали сум заинтригиран? Апсолутно!”, изјавил д-р Дикс за “Њујорк Тајмс”.

“Прерано е да се каже дали бразилскиот пациент е навистина без вирус, сè додека независните лаборатории не ги потврдат резултатите од тестот”, додал тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг