Во Хрватска обвинение против криминална група која во земјата внела 16 тони марихуана

Макфакс

02/07/2020

13:24

516

Големина на фонт

а а а

Хрватскиот оддел за борба против корупција и организиран криминал (УСКОК) покрена обвинение против 20 осомничени предводени од Томислав Сабљо, Томислав Сучиќ и Ѓорѓе Вулетиќ, уапсени минатото лето во операцијата позната како „Тебра“, за шверц на скоро 16 тони марихуана, но и за палење автомобили и рекет.

Наведувајќи ги само иницијалите на осомничените, УСКОК објави дека злосторничкото здружение, покрај шверц и трговија со дрога, е обвинето и за загрозување и предизвикување на тешки повреди и незаконска наплата. 

УСКОК се сомнева дека Сабљо и Сучиќ во периодот од 2016 до 2019 во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија собрале група за набавка и шверц на марихуана.

Марихуаната прво била складирана на територијата на БиХ, а потоа со помош на погранична полициска службеничка била внесувана во Хрватска. Полицајката, наводно, учествувала и во испораката на дрогата до дел од купувачите.

Дрогата потоа во помали количини се продавала на препродавачи, а на тој начин, според хрватските власти, најмалку 15,7 тони марихуана биле шверцувани во Хрватска.

Сабљо и Сучиќ се обвинети и за поврзување на шестмина обвинети со Вулетиќ, кои запалиле најмалку четири автомобили и подготвиле напад врз најмалку едно лице, прикриле најмалку еден украден автомобил и рекетирале неколку лица.



Спонзорирани линкови

Маркетинг