Вест Хем синоќа оствари многу важна победа во битката за опстанок во Премиер лигата, и тоа на сметка на еден од тимовите кои сериозно се борат за пласман во Лигата на шампионите.
Во големото лондонско дерби, „чеканите“ на драматичен начин го победија Челси со 3:2 на домашен терен, а како херој се покажа „џокерот“ Јармоленко кој постигна победнички гол во 89-та минута.
Оваа акција и гол ги фрли во делириум играчите на домашниот тим, но од друга страна, му донесе жестоки критики на искусниот Маркос Алонсо кој беше добро „испеглан“ од Гери Невил. Легендарниот дефанзивец распали по левиот бек на Челси и го посочи како главен виновник за поразот на тимот кој го предводи Френк Лампард.
– Погледнете, погледнете што прави при контрата. Не ми се верува што прави. Алонсо е виновен за поразот на Челси, заедно со Рудигер кој катастрофално се бранеше.
– Кога започнува контрата, Алонсо е многу блиску до Јармоленко, а тој воопшто не се ни потруди да биде блиску до него. Поради вакви работи е под константен притисок од клубот. Секогаш се трча назад кога твојот тим ја губи топката, ова се учи на шест години во фудбалот, – жесток беше Гери.