Повеќе од 40% од луѓето на кои им бил дијагностициран Ковид-19 во италијанскиот град во регионот Венето, немале никакви симптоми на болеста, открива студијата објавена во магазинот "Nature".
Авторите велат дека нивното истражување укажува на тоа дека асимптоматски заболените лица можат да бидат значајни преносители на вирусот и ја истакнуваат важноста од масовно тестирање за сузбивање на заразата.
Најдобар пример за тоа е италијанското градче Во, сместено недалеку од Падова. Во градот живеат 3,200 жители, а првиот смртен случај како последица на Ковид-19 беше регистриран кон крајот на февруари. Градот веднаш беше ставен во двонеделен карантин, при што здравствените работници успеале да тестираат 85% од мештаните.
Се покажа дека на почетокот од самото ширење на вирусот во градот биле заразени само 2,3% од жителите, но и дека повеќе од 40% од луѓето кои биле позитивни на тестирањата не покажувале никакви симптоми на болеста.
Научниците откриле дека асимптоматските преносители во организмот носат иста количина на вирусот, што упатува на тоа дека тие значајно учествувале во трансмисијата на Ковид-19.
Заклучено е дека масовното тестирање на луѓе без симптоми во комбинација со изолацијата на заразените лица било пресудно за контролата на ширењето на Ковид-19 во градчето Во. Авторите на студијата велат дека нивните резултати покажуваат дека со брзата изолација и масовното тестирање вирусот бил ефикасно елиминиран од градот.
„Тестирањето на сите граѓани, без разлика дали покажуваат симптоми или не, спречува болеста да излезе од контрола. И покрај „тивката“ и раширена трансмисија, болеста сепак може да се контролира“, изјави Андреа Кристанти, шеф на одделот за молекуларна медицина при Универзитетот во Падова.
Податоците од Во покажале дека ниту едно дете помало од 10 години не било позитивно на коронавирус, иако децата живееле во исти домаќинства со возрасни кои биле позитивни на тестирањата.