Дали знаете дека во некои земји оставањето бакшиш се смета за навреда? Погледнете кои држави се во прашање

Точка

30/06/2020

17:34

6.745

Големина на фонт

а а а

Доколку тргнете на пат неподготвени, давањето бакшиш може да ви биде непријатно искуство.

Без разлика дали сте во такси, ресторан или во хотел, од вас може да се очекува за услугата која ја добивате да оставите и дополнителни пари. Од друга страна, бакшишот некаде може да предизвика и непријатна реакција.

Затоа, пред патување секогаш информирајте се за правилата за оставање бакшиш, а денеска со вас споделуваме неколку насоки за некои дестинации.

САД

Готовината во САД и понатаму широко се користи, делумно и поради полесно оставање бакшиш. Персоналот во кафулињата, баровите и рестораните тука навистина живее од бакшишот, затоа секогаш со себе имајте пари од 1,5 до 10 долари. Се подразбира дека на келнерот ќе му оставите 15 отсто од вредноста на сметката, па дури и 20 отсто во ексклузивните ресторани. Таксистите очекуваат 15 отсто за услугата, односно 20 отсто ако ви помогнат со багажот. Во хотелите, во кои платите се мизерни, треба да оставите некој долар за персоналот кој е задолжен за чистење.

Јапонија

Ако се спротиставувате на културата на парични награди и бакшиш, Јапонија е вистинско место за вас. Во повеќето ресторани во ова земја, сметката ќе ја платите на главната каса, а не кај келнерот. Оставањето бакшиш може да се смета дури и за навредливо. Единствен случај во кој оставањето бакшиш може да се смета за прифатливо е исклучителната ангажираност на туристичкиот водич. Тогаш никако не смеете да му ставите пари во рака, бидејќи тоа се смета за навредливо. Наместо тоа, спакувајте ги парите во убаво плико, но не повеќе од 10 отсто од вредноста на турата. Тогаш дискретно, со наклон ќе може да му го предадете на вашиот водич.

Јужна Африка

Доколку бакшишот веќе не е пресметан во сметката, обичајот е да се остави помеѓу 10 и 15 отсто од вредноста на сметката. Додека се паркирате, често луѓе во униформа (или неформални помагачи) ќе ве упатат на првото слободно паркинг место. Пракса е кога ќе се вратите по возилото, овие 'чувари' да ги наградите со 5-10 долари. И на бензинските пумпи треба да ја оставите истата сума на вработените кои наместо вас ставаат гориво.


Дубаи

Ако во ресторан или кафуле, кои не се во рамки на хотелот, во сметката ви го пресметаат бакшишот, станува збор за директно кршење на законот (истото важи и за Абу Даби). Оваа пракса е забранета пред повеќе од 10 години, со оглед дека не е во согласност со заштита на потрошувачите. Бакшиш не се очекува, но келнерите и таксистите ќе ви се заблагодарат ако го добијат. За време на Рамазан, обично се дава повеќе бакшиш. Во тој период толеранцијата кон спорните келнери и лошата услуга е поголема, со оглед дека луѓето цел ден работат постејќи, без храна и вода.

Австралија

Поради високите плати во хотелиерството и угостителството, како и фактот дека 'service charge' веќе е вклучен во сметката во рестораните и кафулињата, повеќето Австралијци не оставаат често бакшиш. Затоа ниту вие не мора да го правите тоа, освен во случај да сакате да покажете дека сте исклучително задоволни од услугата. Бакшишот во Австралија не е обврска, туку наградување. Келнерите во секој случај со задоволство ќе го примат бакшишот. Со туристичките водичи ситуацијата е поинаква и тука се очекува бакшиш.

Тајланд

Во оваа земја при купување храна и пијалок на уличните тезги не се очекува никаков бакшиш. Сепак, во кафулињата и рестораните треба да оставите малку пари. Во Бангкок таксистите често возат без таксиметар и во тој случај секогаш барајте проценка на цената пред да се возите. Доколку седнете во такси со таксиметар, тогаш за време на плаќањето може да ја заокружите сумата.


Малдиви

И покрај тоа што Малдиви има сопствена монета, обично се остава бакшиш во долари. Ако на сметката во хотелскиот ресторан ви пресметаат и 10 осто бакшиш, тој дел задолжително оставете го во готово. Ако плаќате со картичка, речиси е извесно дека парите нема да стигнат кај келнерот. Поради тоа што хотелите се изолирани, изградени на мали ненаселени острови, врботените во хотелот често со месеци се одвоени од семејствата и воглавно примаат многу ниски плати. Било каков бакшиш ќе им значи.

Чешка

Културата за давање бакшиш моментално е во транзиција во Чешка, особено во Прага. Сè помалку се практикува традицијата со заокружување на сметката најблиску до 10 куни. Благодарение на големиот прилив на туристи од запад, сè попопуларна е праксата за оставање бакшиш во вредност од 10 отсто од износот на сметката. Вреди да се спомене и дека работата на келнерите е една од најслабо платените во Чешка. Со оглед дека во просек заработуваат околу 5 евра на час, келнерите како благодарност ќе прифатат 'великодушен' бакшиш.



Спонзорирани линкови

Маркетинг