Точка ТВ: Најпосетени туристички дестинации во Македонија (втор дел)

Точка

26/06/2020

20:24

10.512

Големина на фонт

а а а

Македонија изобилува со прекрасни природни убавини и локации кои ги посетуваат не само домашните, туку и странските туристи.

Во првиот дел ве “прошетавме” низ живописниот кањон Матка, охридскиот Канео и прекрасниот Галичник, а овој пат како најпосетени туристички дестинации во Македонија ги издвојуваме “Тврдината на сонцето и месечината” – Кокино, националниот парк Маврово и највисокиот град на оваа територија – Крушево. 

Кокино – планина што поврзува со сонцето 

Древната мегалитска опсерваторија Кокино, стара 3800 години, е откриена во 2001 година во атарот на општината Старо Нагоричане. Според НАСА, Кокино е 4-та најстара опсерваторија во светот.

Сместена е на неовулкански рид (на врвот “Татиќев камен”) на надморска височина од 1030 метри, со должина од околу 90 метри и ширина од 50 метри. Опсерваторијата е на оддалеченост од околу 75 километри од Скопје и 35 километри од Куманово. До неа води асфалтен пат, а последните 500 метри треба да ги поминете пеш за да стигнете до самата опсерваторија.


Мистериите кои ги крие Кокино се вистински предизвик за археолозите, астрономите, но и туристите кои доаѓаат на “Тврдината на сонцето и месечината” за да го видат прекрасниот залез на сонцето.

Национален парк Маврово – мозаик од пејсажи на едно место 

Секое годишно време има своевидна магија во националниот парк Маврово, па токму затоа оваа дестинација привлекува туристи преку целата година.

Националниот парк Маврово е лоциран во западна Македонија и зафаќа простор од 73.088 хектари. Во границите на паркот се опфатени планините Кораб, Дешат, југозападните ограноци на Шар Планина, поголем дел од Бистра и северните делови на Крчин. Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката Радика, а во склоп на националниот парк е и Мавровското вештачко езеро.


Живописниот кањон на реката Радика, богатата флора и фауна, карпите со различен облик и водопадите го создаваат уникатниот и специфичен релјеф. Националниот парк е особено атрактивен за туристите кои сакаат да истражуваат, да јаваат коњи или да се движат по велосипедските и планинарските патеки, а околните падини на планините нудат можност за кампување и долги прошетки.

Заштитен знак на регионот е и потопената црква “Св. Никола” во Мавровското езеро кое ја сокрива до покривот со секое надоаѓање на водата.

Крушево – спој на сурови планини и мека архитектура 

Сместен на 1300 метри надморска височина, Крушево е највисокиот град во Македонија кој наликува на скриено гнездо помеѓу планините.

Хармонијата помеѓу суровите планински предели и меката архитектура создаваат нереална атмосфера во ова мало гратче во кое истовреме се чувствуваат и минатото и иднината.

Споменикот Мечкин Камен е локалитет во близина на Крушево, а на истоименото место се одвивале најхрабрите борби за време на Илинденското востание. Споменикот е подигнат токму во чест на храбрите илинденци.

Еден од најмаркантните споменици во Крушево и Македонија е споменичкиот комплекс Илинден, познат уште како и Македониум. Тој претставува комплекс од четири платформи, кои ја симболизираат непокорноста, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.


Куќата на Тоше Проески е едно од најпосетените места во Крушево, а туристите кои доаѓаат на ова место имаат можност да видат 350 автентични експонати во сопственост на семејството Проески. Во централниот дел е поставен молитвеник, верски предмети на Тоше и неколку негови запишани размислувања за љубовта, семејството, пријателството...

Галеријата на Никола Мартиноски ги содржи ремек-делата на уметникот кој му има подарено 62 слики на градот. Неговата уметност се фокусира на животот, обичаите и традиционалната Крушевска куќа.

Неизоставни се и неколкуте цркви, а особено внимание привлекуваат и традиционалните специјалитети на градот: Крушевската пита, Крушевската тава и секако – познатите Крушевски “целувки”.

*фото: Википедија
*видео: Кокино: Aquarius Design, Национален парк Маврово: Darko Shapazov Drone Travelogues, Thebogdan007, Крушево: Pejcino


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk