Страв од втор бран на коронавирус: Преголемо опуштање во Европа, во Пекинг ги затвораат продавниците – расте ризикот од враќање на мерките

Точка

13/06/2020

15:42

3.086

Големина на фонт

а а а

Стравот од втор бран на коронавирус доведе до затворање на прехранбените објекти во Пекинг, Индија бележи рекорден број заболени, во Европа предупредуваат против преголемото опуштање, а половина од сојузните американски држави пријавиле дека нивните болнички капацитети брзо се пополнуваат.

Здравствените службеници ширум светот во изминатите денови изразија страв дека некои држави, соочени со разорните последици од рестриктивните мерки по економијата, би можеле пребрзо да ги укинат истите, како и дека вирусот би можел да се прошири во текот на масовните протести против расизмот, пренесува Ројтерс. 

“Мораме да бидеме спремни да се откажеме од ублажување на мерките, доколку тоа е потребно”, изјави европската комесарка за здравство, Стела Кириакидес, и ги повикала 27-те земји членки на ЕУ да продолжат со тестирање на граѓаните додека ги отвораат училиштата и деловните претпријатија.


Темпото на пораст на бројот на заразени забавува во поголемиот дел од Европа, но здравствените експерти истакнуваат дека постои умерен до висок ризик, поради појавата на новозаразени по укинување на рестиктивните мерки, да биде потребно воведување на нови рестрикции.

“Почетниот бран на пренесување на болеста го помина врвот во сите земји, освен во Полска и Шведска”, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

Центарот предвидува умерено забрзување на растот на бројот на заразени во Европа во наредните недели.

“Таквиот пораст, ако не се контролира, би можел да ги оптовари здравствените системи, како што беше случај во март и април во неколку земји помеѓу кои и Велика Британија”, соопштуваат од Центарот.

Директорката на европскиот центар, Андреа Амон, ја нагласила важноста од одржување на физичка дистанца, лична хигиена и “правилно респираторно однесување”.


Во Кина, земјата од која потекнува коронавирусот, се забележани нови два случаи на зараза во Пекинг, ден откако градските власти ја одложија реализацијата на планот за враќање на поединечни ученици во училиштата.

Властите во целост или делумно затвориле 6 големи прехранбени големопродажни ланци, кои двајцата заразени неодамна ги посетиле, но сè уште не е познато како тие се заразиле.

Во Индија повторно е воспоставен јавниот сообраќај, канцелариите и трговските центри се отворени по 70 дена рестрикции иако здравствените службеници предупредуваат дека земјата сè уште не е блиску до врвот на епидемијата. Министерството за здравство на оваа земја соопшти дека бројот на заболени во петокот пораснал за рекордни 10.956. Меѓутоа, официјалниот број на жртви – 8.498 е релативно мал.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека “заканата од новиот бран и понатаму е многу реална”.


“Мораме да имаме на ум дека, иако ситуацијата во Европа се подобрува, глобално се влошува. И понатаму ќе нѝ биде потребна глобална солидарност за во целост да ја поразиме оваа пандемија”, порача Тедрос во Женева.

Во околу 6 американски држави, помеѓу кои Тексас и Аризона, расте бројот на хоспитализации што поттикна страв дека отворањето на економијата би можело да доведе до нов бран на зараза. Алабама, Флорида, Северна и Јужна Каролина, Орегон и Небраска во четвртокот забележаа рекорден број нови случаи на коронавирус.

Во САД од Ковид-19 досега починаа повеќе од 113.000 лица, а тој број до септември би можел да биде најмалку 200.000, изјавил шефот на Институтот за глобално здравје на Харвард, Ашиш Џа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг