"Ова веќе не истиот коронавирус": Личниот лекар на Берлускони вели дека коронавирусот ја губи силата, властите велат дека нема докази за тоа

Точка

01/06/2020

21:12

4.793

Големина на фонт

а а а

Шефот на болницата Сан Рафаеле во Милано, во северниот регион Ломбардија, кој бил жариште на пандемијата на коронавирусот во Италија, рекол дека новиот вирус ја губи својата сила и дека станал помалку смртоносен.

"Во реалност, вирусот клинички повеќе не постои во Италија", рекол вчера доктор Алберто Зангрило, кој бил личен лекар на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони. 

"Брисевите земени последните десет дена покажаа дека нивото на вирусот во квантитативна смисла е апсолутно екстремно помало во однос на оние земени пред еден или два месеци", додал тој, пренесува порталот "Hamodia".

Италија е трета земја во светот по бројот на смртни случаи од коронавирус, со 33.475, откако избила епидемијата на 21-ви февруари. Според бројот на заболени, кој изнесува 233.197, Италија е на 6-тото место во светот.

Бројот на нови инфекции и смртни случаи почнал полека но сигурно да опаѓа во мај и земјата почнала да ги олабавува некои од најстрогите рестриктивни мерки воведени во Европа.

Зангрило рекол дека некои експерти се загрижени поради можноста за појава на втор бран на инфекција и додал дека политичарите треба да ја земат во предвид новата реалност.

"Мора да се вратиме во нормална состојба. Некој мора да преземе одговорност за тероризирањето на државата", истакнал Зангрило.

Доктор Матео Басети, шеф на клиниката за инфективни болести, Сан Мартино во Џенова, рекол дека исто така се уверил дека вирусот слабее.

"Силата на коронавирусот од пред два месеци не е иста како и денес. Очигледно е дека Ковид-19 денес е поинаков", рекол Басети.

Италијанската влада повикала на внимание, наведувајќи дека е прерано да се прогласува победа.

"Додека чекаме на научните докази што ќе ја потврдат тезата дека вирусот исчезнал, би ги повикала оние кои велат дека се сигурно во тоа да не ги бунат Италијанците. Наместо тоа, треба да ги повикаме Италијанците да бидат максимално внимателни, да држат дистанца, да избегнуваат големи собири и често да мијат раце и да носат маски", навела во соопштението Сандра Зампа, заменик министер за здравство.



Спонзорирани линкови

Маркетинг