Белгискиот принц се извини што ги прекршил карантинските мерки и се заразил со коронавирус

Макфакс

01/06/2020

14:36

849

Големина на фонт

а а а

Белгискиот принц Јоаким (28) се извини поради забавата на која присуствувал во Шпанија за време на карантинот, а по која се зарази со вирусот Ковид-19 и рече дека ќе ги прифати сите последици.

Принцот дошол на стажирање во Шпанија од Белгија, но два дена подоцна присуствувал на забава во Кордоба.

„Искрено ми е жал за моето однесување. Се извинувам што не ги почитував карантинските мерки за време на патувањето. Во овие тешки времиња, не сакав никого да повредам“, рече принцот во писмото до јавноста, јавува Би-би-си.

Веста ја објавија шпанските медиуми, во кои се наведува дека принцот Јоаким, внукот на кралот Филип од Белгија, бил меѓу 27-те учесници во забавата, иако во Кордоба било дозволено да се соберат до 15 лица.

Шпанската полиција покрена истрага за забавата, а сите оние за кои ќе се утврди дека ги прекршиле правилата за карантин, ќе бидат казнети со парична казна до 10.000 евра.

Се додава дека сите кои биле на забавата биле во карантин, а принцот Јоаким, син на принцезата Астрид и 10. по ред за тронот, има благи симптоми на вирусот Ковид-19.

Од 27 мај во Шпанија е прогласена 10-дневна национална жалост во спомен на оние кои починаа за време на епидемијата на новиот коронавирус.



Спонзорирани линкови

Маркетинг