Чулев бара Обвинителството да спроведе истрага во Агенцијата за национална безбедност

Макфакс

29/05/2020

17:52

758

Големина на фонт

а а а

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, до Основното јавно обвинителство доставил поднесок со кој бара да се спроведе истрага во Агенцијата за национална безбедност дали е целосно елиминирана техничката можност од евентуален увид во кривичните истраги, кои се спроведуваат од страна на Министерството за внатрешни работи.

„Во насока на целосно информирање и запознавање на граѓаните, ја информирам јавноста дека денес до Основното јавно обвинителство доставив соодветен поднесок, кој се однесува на случајот што го обелоденивме во текот на вчерашниот ден, каде што е утврдено кршење на законите, каде што поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (денес Агенција за национална безбедност) сè уште ја има задржано посредничката улога во системот за следење на комуникациите, односно сè уште не е целосно елиминирана техничката можност од евентуален увид во кривичните истраги што се спроведуваат од страна на Министерството за внатрешни работи“, напиша Чулев на „Фејсбук“.

Со поднесокот, додава тој, барам од страна на Јавното обвинителство да преземе активности во насока на спроведување соодветна истрага со цел утврдување на фактичката состојба за постоење одговорност на раководните лица во надлежните институции.

„Во однос на вчерашните соопштенија од страна на Агенцијата за национална безбедност, јавноста треба да знае дека изнесените факти и аргументи воопшто не коресподентираат со мојата тематска прес-конференција. Ниту еден елемент од соопштението не се однесува на негирање на изнесените факти од моја страна, со кои аргументирано укажав на кршење на законот за ОТА и Законот за следење на комуникациите“, вели Чулев.

Во изјавата на поранешниот министер за внатрешни работи, додава тој, и самиот тој истакнува „како што е пропишано во законот, така и треба да се одвиваат сите постапки и сите изјави“, што впрочем значи дека во конкретниот случај истиот Оливер Спасовски во време на неговото раководење со Министерството за внатрешни работи, во согласност со законот за ОТА и Законот за следење на комуникациите требало да ја отстрани секоја техничка можност за посредничка улога на Агенцијата за национална безбедност, односно да воспостави директна техничка поврзаност на Министерството со ОТА.

„Имајќи го предвид горенаведеното, уште еднаш го повикувам Јавното обвинителство да ги земе предвид материјалните докази со кои располага Министерството за внатрешни работи и да ја расчисти дилемата дали имало кршење на законите од страна на одговорните лица во релевантните институции“, пишува Чулев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг