Трета ноќ по ред на улиците на повеќе американски градови се одржуваат масовни протести поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд кој остана без здив додека полицаец со колено му го имаше приклештено вратот за асфалтот.
Поради полициската бруталност граѓаните излегоа на улиците да го искажат својот револт, се палат и ограбуваат продавници, а најдраматично е во Минеаполис, град во кој се случи несреќата.
Демонстрантите во повеќе наврати се судрија со полицијата, а во обидите да се воспостави ред беше уапсена и новинарска екипа на „СиЕнЕн“.
Имено, репортерот на „СиЕнЕн“, Омар Хименез се јави во живо од местото на инцидентите, по што му пријдоа полицајци и го уапсија. Јасно се слуша дека Хименез им вели дека е новинар и заедно со екипата ќе се тргне за да не им пречи на полицајците, но тие сепак му ставија лисици на рацете и го одведоа.
Од „СиЕнЕн“ експресно се огласија на Твитер и порачаа дека ова е кршење на првиот амандман од американскиот Устав и ги повикаа властите новинарот да биде пуштен на слобода. Новинарската екипа недолго после апсењето беше пуштена на слобода.