Стотици луѓе, меѓу кои и заразени со коронавирус, побегнале од карантин во Зимбабве и Малави, по што е организирана масовна потера затоа што властите стравуваат дека ќе го прошират коронавирусот во периодот кога здравствените системи се преоптоварени.
Во Малави повеќе од 400 луѓе кои неодамна се вратиле од Јужноафриканската Република и други земји, побегнале од центарот на стадион во градот Блантајр, така што ја прескокнале оградата. Полицајците и медицинските работници можеле само да гледаат како големата толпа на луѓе бега од центарот.
Полицајците објасниле дека не можеле да ги сопрат луѓето затоа што немале адекватна заштитна опрема, пренесува новинската агенција „АП“.
Најмалку 46 лица кои што исто така побегнале биле позитивни на коронавирусот, а тамошните медиуми пренесуваат дека многумина од нив ги подмитиле полицајците.
Во Зимбабве портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави дека полицијата трага по повеќе од 100 луѓе кои побегнале од центрите за карантин. Во оваа земја задолжителен е карантин во траење од 21 ден за сите државјани на земјата кои што доаѓаат од странство.
Тој откри дека лицата најверојатно се кријат во селата и со тоа претставуваат сериозна опасност по заедницата и јавното здравје.
Зимбабве и Малави заедно имаат помалку од 200 потврдени случаи, но Јужноафриканската Република, земја во која граѓаните на овие држави одат на сезонска работа има повеќе од 25 илјади случаи на коронавирус.