Кралицата му дозволи на премиерот Џонсон да се рекреира во градините на Бакингамската палата

Макфакс

27/05/2020

15:12

893

Големина на фонт

а а а

Британската кралица Елизабета Втора му дозволи на премиерот Борис Џонсон да вежба на имотот на Бакингамската палата, тврдат написи од весниците.

Вежбањето е дел од закрепнувањето на Џонсон од „Ковид-19“, но со оглед дека премиерот има навика да трча по јавните површини, ова ги олеснува безбедносните мерки, пренесува „Телеграф“.

Големата лондонска резиденција на кралицата се состои од голема градина, како и отворено тениско игралиште. Џонсон е познат како љубител на спортот.

Весникот објави снимки од 55-годишниот Џонсон како пристигнува во неговата официјална резиденција и канцеларија на Даунинг стрит по вежбањето, облечен во црвена маица, бели кратки панталони и патики.

Весникот ја цитираше палатата дека тоа им било понудено и на други министри.

Џонсон исто така е виден како трча на теренот на палатата Ламбет, официјалната лондонска резиденција на надбискупот на Кантербери – глобалниот поглавар на Англиканската црква.

Бакингамската палата во моментов е затворена за туристите поради пандемијата на коронавирус.

Кралицата (94) и нејзиниот сопруг принцот Филип (98) го напуштија Лондон и се сместија во замокот Виндзор. Од палатата тогаш рекоа дека станува збор за разумни мерки на претпазливост.




Спонзорирани линкови

Маркетинг