Мицкоски: Датумот за избори да биде одреден со консензус

Макфакс

27/05/2020

13:43

712

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека третата вонредна состојба била прогласена за да се донесе нова уредба која треба на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да му послужи за да ги поткупи граѓаните за поддршка за следните избори.

Тој го повтори ставот дека вонредната состојба треба да се прогласи по консултација со политичките партии.

Во однос на изборите, Мицкоски и натаму бара датумот да биде одреден со консензус од сите политичари.

„Нашиот принцип е јасен дека датата за следните парламентарни избори треба да биде донесена со консензус на сите политички партии кои седеа на таа маса уште при првата лидерска средба која ја организираше претседателот Пендаровски, без разлика што во меѓувреме се видоизмени содржината на масата и дел од тие што беа на таа маса се во коалиција, ние стоиме на тој принцип и не бегаме од тој принцип. Исто така стоиме на тој принцип дека секоја вонредна состојба треба да се носи во консултација со политичките партии, иако за време на втората вонредна состојба тој принцип беше напуштен од страна на Владата и претседателот Пендаровски. За втората состојба ние исто така имавме спротивен став бидејќи ако зборуваме за состојба кога сме победиле пандемијата и сме лидери во регионот, не ја гледавме причината за прогласување на трета вонредна состојба. Но, очигледно беше јасно дека треба да се донесе нова уредба која треба на Зоран Заев да му послужи за да ги поткупи граѓаните и нивната поддршка за следните предвремени парламентарни избори. Тоа нема да му успее, бидејќи граѓаните знаат и нема никогаш да го заборават тоа што го правеше оваа пандемија наречена Зоран Заев и СДСМ во претходните три години, а и овие дополнителни 1500 евра долг по секое семејство, нема да ги заборават граѓаните и жестоко ќе го казнат на следните избори кога и да се случат“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека комуникација за одредување на датумот на избори постои, но не сакаше да коментира ништо во врска со неа, тврдејќи дека ако има договор меѓу партиите, тоа ќе се соопшти јавно.

„Нашите позиции поврзани со предвремените парламентарни избори ги знае македонската јавност. Нашата позиција дека компромис треба да се постигне за интересот на граѓаните, во интересот на државата, но тоа не треба да биде по цената на здравјето на граѓаните. Канална комуникација постои. Јас, не би сакал дополнителни коментари поврзани со тој канал за комуникација кој што постои, денеска да изнесувам. Бидејќи, не сме сите исти и не се занимаваме сите со ваков тип на брифинзи. Доколку има договор и кога ќе има договор, ќе го соопштиме тоа на јавноста. Но, повторно ќе кажам, здравјето на граѓаните треба да биде водилка за сите нас“, додаде Мицкоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг