Тетовчанка го победи коронавирусот без да зарази ниту еден член од семејството

Точка

27/05/2020

13:10

3.759

Големина на фонт

а а а

Мелиса Ценовска од Тетово е една од многумината кои поминале низ голготата наречена Ковид-19. Болеста за среќа ја поминала без поголеми компликации и со домашно лекување, откако добила позитивен резултат на тестот.

Првата битка и стравот кај неа бил дали ќе го пренесе вирусот на некој друг, но за среќа тоа не се случило во целиот период на нејзиното лекување. 

“Резултатот е секако шок. Не е пријатно, но во ниту еден момент не се поколебав кој ќе биде мојот прв чекор во борбата со овој вирус. Информирање на сите мои контакти, до последен. Апел да се чуваат и да ме информираат за својата состојба. Имаше меѓу нив и од оние кои спаѓаат во високо ризичните категории. Се плашев, повеќе за нив отколку за себе. Јавно и гласно сакав секој да знае и во најбрз можен рок да преземе дејствија”, раскажува Мелиса која е инаку дипломиран економист и вработена во Управата за јавни приходи во Тетово.

Таа ги почувствувала симптомите 4 дена пред тестирањето, за кое самата инсистирала да го направи. Главниот симптом бил губењето на чувството за мирис.

“Симптомите одеа вака: Понеделник кивање, вторник затнат нос, среда вечерта губење на чувството за мирис, кивање нема, носот не е затнат, но мирис нема. Тоа е симптомот. Тоа не наведе на брис во петок. Сабота резултат и изолација. Во текот на целото “боледување” немав покачена температура, кашлање, кивање и слично, само мали компликации предизвикани од дејството на антибиотикот. Многу витамини, течности”, објаснува Тетовчанката.


Домашната изолација ја поминала со нејзината 4-годишна ќерка која за среќа не заболела од коронавирусот. Се изолирале и останатите членови на семејството со кои имала близок контакт, но сите биле негативни на тестовите.

“Стигнаа резултатите на моето семејство, сите негативни. Се плашев за ќерката која и покрај негативниот резултат мора да дели домување со мене. Седев со две маски, постојано правев дезинфекција и се боревме заедно со желбата да излезе надвор. Издржавме и да одржуваме дистанца со најмилото. И другите членови на семејството немаа никакви симптоми. Изолацијата изгледаше страшно првите денови, но стана навика, мора да се почитува, така ќе се избориме. И навистина. Куќата е “аптека”, се е чисто, ние си наоѓаме занимација на разни начини. Помина. И се изненадив колку бргу. Кога имаш пријатели колку што имам јас (прекрасни луѓе) нема да ти недостасува дружба. Постојано сме во контакт, најблиските доставуваат храна, се е по протокол, сите се грижат и тоа е модусот за силата на моето трпение. Фала им на сите. Секојдневно бодреа и пружаа љубов. Кога се помина јас сум среќна. Тоа дека нема ниту еден заразен ми докажа дека и меѓу себе сме се штителе, а и дека сме силни. Посакувам ова да заврши, луѓето се во постојана грижа и со право. Некои ќе поминат тешко, некои полесно, а некои како мене без никакви компликации. Дај Боже сите да поминат како јас, а другите да соберат сила да бидат повторно добри”, вели Мелиса.

Според неа, институциите се на ниво на задачата, но луѓето треба да се придржуваат до советите од лекарите. Таа постојано била во контакт со службите кои ѝ кажувале како да постапи.

На прашањето дали знае од каде може да се заразила со коронавирусот, Мелиса објаснува дека никогаш нема да се дознае бидејќи сè е можно. Сега по двата негативни тестови веќе се пријавила да донира крвна плазма со цел да помогне во нечие лекување.



Спонзорирани линкови

Маркетинг