Учесниците во истражувањето ќе бидат платени, но прашање е кој после изолацијата поради коронавирусот би сакал да помине уште осум месеци изолиран од надворешниот свет.
Со оглед на тоа што американската вселенска агенција се подготвува за нови мисии, вклучувајќи ја и мисијата на Месечината, а во далечна иднина и на Марс, треба да бидат подготвени, односно да истражат како астронаутите би се однесувале изолирани со уште неколку колеги во мал простор кој симулира вселенско летало.
Поради тоа НАСА планира да изврши тестирање меѓу мала група на луѓе кои ќе поминат дури осум месеци изолирани во услови какви што можат да се очекуваат во едно вселенско летало. Во истражувањето можат да учествуваат само американски државјани на возраст од 30 до 55 години. Тие мора да имаат образование од областа на науката и медицината, а задолжително е познавање и на рускиот јазик.
Засега не е откриено колку НАСА планира да им плати на учесниците во истражувањето кое инаку ќе се одржува во Москва.
Резултатите од истражувањето би требало да ѝ помогнат на НАСА да пронајде ефикасни начини и методи кои на астронаутите би требало да им го олеснат времето поминато во вселената и решавањето на проблемите со кои би можеле да се соочат во текот на долгите патувања, изолацијата и повеќемесечните мисии.