Од следната недела почнува скрининг за коронавирус на лекарите и вработените во градинките

Макфакс

07/05/2020

15:20

2.602

Големина на фонт

а а а

Завршен е планот за скринингот на населението за детектирање асимптоматски групи на заболени од Ковид-19 од страна на Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.

Од наредната недела ќе се прават околу 400-500 тестови согласно индикациите за критични групи. Преку PCR-тестови во првата група ќе бидат опфатени вработените во градинките, здравствените работници и вработените во домовите за стари лица.

„Кога децата ќе се вратат во градинките, треба да бидеме сигурни дека нема асимптоматски носители на вирусот кај вработените во градинките. Истото важи и за здравствените работници и вработените во домовите за стари лица, тие ни се приоритетна група“, рече Филипче.

Земањето брисеви за скринингот ќе се врши и преку матични лекари, но и преку матичните стоматолози.

Понатаму, скринингот ќе продолжи и кај таксистите, вработените во јавните служби, возачите во автобусите на ЈСП, како и кај пациентите со биолошка терапија.

Имаме скок на новозаразени, состојбата мора внимателно да се следи следниве денови

Од направени 332 теста изминативе 24 часа се регистрирани 33 нови случаи кои дополнително ќе се анализираат за да се утврдат причините, извести министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој нагласи дека сите мерки за заштита од коронавирусот остануваат на сила.

„Денес имаме еден скок на новодијагностицирани пациенти и тоа ќе го следиме во следните денови за да видиме дали е случајност, некаква варијација или ќе биде некаков тренд. Тоа се резултати од само еден ден и не можеме ништо да заклучиме само од овие резултати од изминатите 24 часа. Ако се сеќавате, во неколку наврати имавме слични сценарија со значајно мал, но и значајно голем број новозаболени. Во еден момент имаше и над сто новодијагностицирани. Во таа смисла утре и в сабота ќе ги анализираме новодијагностицираните случаи и ќе носиме заклучоци на што се должат. Засега остануваат на сила сите мерки и апелирам сите граѓани да продолжат доследно да ги почитуваат“, рече министерот Филипче.

Утре на состанок на Главниот координативен штаб за справување со коронавирусот во Влада ќе се расправа за времетраењето на полицискиот час за време на претстојниот викенд, а од бројот на новозаболени во деновите што следуваат ќе зависи и најавеното олабавување на мерките. За олабавувањето на мерките министерот рече дека ќе се разговара в сабота кога ќе имаат поконкретна слика за причината за денешниот зголемен број заболени. Одлуките, нагласи дека ги носат исклучив врз основа на два критериума, односно од бројот на новозаболени и од подготвеноста на здравствениот систем да ги прими и да ги третира.

Министерот Филипче се надева дека денешниот скок на бројот на новозаболени е само тренд имајќи предвид дека изминатите 14 денови процентот на новодијагностицирани бил сериозно мал.

На пат кон Инфективната клиника денес починал 70-годишен пациент кој бил во болницата во Велес од 4 мај, а поради влошената состојба требало да биде префрлен на скопската клиника.

Вкупната бројка на заболени од коронавирус кај нас од почетокот на епидемијата изнесува 1.572 пациенти од кои 1.079 оздравени, 89 починати и 404 активни случаи.



Спонзорирани линкови

Маркетинг