Добитници на стипендијата „Борис Трајковски“: Очекуваме гимназијата „Нова“ да нè подготви за светските универзитети

Точка

15/04/2020

11:14

5.616

Големина на фонт

а а а

Основците Илијана Буховски, Андреа Мојсоска и Борис Стојановски се добитници на целосните стипендии „Борис Трајковски“ и од септември образованието ќе го продолжат во меѓународната гимназија „Нова“.

Конкурсот беше отворен по 16 пат, а бројот на пријавени постојано расте со тоа што годинава севкупно биле тестирани 221 ученик. Сепак, Илијана од основното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, Андреа од „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје и Борис од „Ванчо Прке“ во Штип се најдоа на првите три места на табелата за бодување. Велат дека аплицирале за стипендија затоа што сметаат дека „Нова“ нуди: креативна и стимулативна средина, квалитетно образование на англиски јазик, меѓународно признаена диплома како и професори кои се отворени за соработка и чија примарна цел е да ги поготват учениците за прием на некои од престижните светски универзитети.

Аплицирањето траеше речиси два месеци

Секој од тројцата ученици напорно се подготвувал за конкурсот, но сметаат дека во него се отсликува и општата подготвеност која се здобива низ годините во основното образование. Борис истакнува дека процесот за аплицирање е усовршен и едноставен. Во првиот дел требало да се пополни онлајн апликација, а потоа да се прикачат сведителствата од основното образование, дипломи и дополнителни документи. Во следниот круг требале да пишуваат есеј на англиски јазик и на зададена тема.

- Пишувањето на есеј беше нешто недоволно познато за мене бидејќи во моето досегашно образование немав можност да се соочам со таков вид на изразување. Започнав со истражување на интернет и следев повеќе видеа со кои можев да научам за начинот на создавање на еден есеј. Морам да напоменам дека многу ми помогна примерот на есеј кој што беше поставен на веб страницата на гимназијата „ Нова “ бидејќи беше прецизен и јасен. Откако собрав повеќе информации за тоа како се создава еден есеј, почнав со пишувањето на повеќе есеи со различни теми – објаснува Борис.

Илијана пак вели дека процесот бил долг, но интересен, а посебно голема била возбудата при пишувањето на есеите.

- Оваа активност и за мене претставуваше голем предизвик бидејќи воопшто не знаевме каква тема може да ни биде зададена. Поради тоа јас дома напишав неколку текстови на различни теми зададени од моите родители со цел темелно да се подготвам за каков било предизвик за време на тестирањето. Исто така, како што се приближуваше денот за првиот круг на елиминација речиси секојдневно размислував за одредени теми: како би ми изгледал почетокот на есејот, кои се добри начини да се заврши писмо, кои елементи да ги запазам и какви синоними да искористам. Се разбира, како што и вообичаено се случува, воопшто не се сетив да се подготвам за темата која ни ја дадоа, но за среќа излезе дека поминав одлично благодарение на многубројните текстови кои што ги пишуваме на мојот курс по англиски јазик – посочуваа Илијана.

За Андреа секој нова фаза во тестирањето будела поголема мотивираност и желба да ја оствари својата цел.

- Целиот процес на аплицирање траеше неполни два месеци и се одвиваше во неколку фази, за кои што не беше потребна посебна подготовка. Во начинот на тестирање се рефлектираше целокупното наше образование, карактерни особини, интереси и сл. Што се однесува до пишувањето на есејот, јасни беа насоките во врска со структурата кои беа дадени од страна на училиштето и беа сосема доволни при подготовката за оваа активност. Дополнително, учеството во литературни секции, дебатни клубови, наградни конкурси и пред сè читањето на проза и поезија низ годините, во голема мера ми помогна во исполнувањето на оваа задача. Оваа фаза од тестирањето кај мене придонесе во развојот на одредени лични вештини како што се: аргументирање, критичко мислење, различна перспектива на нештата итн. – објаснува Андреа.

Темел за совладување на предизвиците

Таа додава дека од „Нова“ очекува да ја дообразува и да ја развие како личност поттикнувајќи ја да го искористи својот потенцијал во насока на подготовка за понатамошните образовни циклуси.

- Воедно, се надевам дека ќе ми отвори нови хоризонти и перспективи и ќе ми биде поддршка и мотивација во процесот на созревање како совесен и одговорен граѓанин, кој ќе придонесе кон развојот на средината во која што живее. Сметам дека четирите години во „Нова” ќе бидат темел за совладување, не само на образовните, туку и на понатамошните животни предизвици. Преку квалитетното образование, добрите услови за работа како и меѓународните наставни планови и програми ќе се стекнам со солидна основа во однос на образованието, додека вон наставните активности и учеството во заедницата ќе ми помогнат при зајакнувањето на емотивните вредности, животните вештини и во мојот личен развој – посочува Андреа.

Илијана вели дека од академски аспект, нејзините очекувања се дека начинот на предавање во „Нова“ повеќе ќе прилега на нејзините методи на учење и разбирање и ќе ѝ овозможи полесно да го совлада потребниот материјал.

- Сметам дека интернационалната средина на „Нова“ е одлично место за сите подготовки кои ми се потребни за целосна интеграција во странски формат на едукација бидејки во план ми е да студирам во странство. Сите искуства на минати, како и сегашни ученици кои ги познавам се навистина позитивни и се надевам дека тоа ќе се одрази и на мене – појаснува Илијана.

За Борис почетокот на образованието во гимназијата „Нова“ значи и преселба со оглед дека ќе замине од родниот град Штип и ќе дојде во Скопје.

- За следните четири години кои ќе ги поминам во гимназијата „ Нова “, најпрво очекувам од мене лично да се посветам на учењето и секојдневните задолженија кои ќе ги добивам од моите наставници и ќе дадам сè од себеси успешно да се вклопам во новата средина. Верувам дека со мојата посветеност кон секојдневните активности ќе добијам образование на високо ниво, доволно за да можам моето понатамошно високо образование да го продолжам на некој од престижните универзитети во светот. Очекувам и голема соработка и заемно помагање со моите соученици и секако квалитетно поминато време со професорите и сите вработени во училиштето. Преселбата од Штип за мене е нешто позитивно. Сигурен сум дека тоа нема да биде едноставно и лесно, но колку порано се осамостојам толку подобро ќе ми биде навикнувањето за престој во друга држава каде што би сакал да го продолжам образованието. Секако ќе ја имам целосната подршка од моите родители и моето пошироко семејство бидејќи Скопје не е многу далеку од Штип така што моето образование во друг главниот град ќе ми биде овозможено да помине без проблеми – завршува Борис.

Во рамки на конкурсот „Борис Трајковски“ беа доделени три целосни стипендии, а на неколку ученици ќе им бидат покриени од 10 до 50 отсто од трошоците за образованието во гимназијата. Стипендиите од 2005 ги доделуваат фондацијата „Борис Трајковски“ во соработка со „Нова“ и досега има завршено 11 успешни генерации на матуранти.



Спонзорирани линкови

Маркетинг