Моќни пораки од жителите на Вухан на денот кога градот е повторно отворен: Учете од нашите грешки

Точка

08/04/2020

18:15

2.537

Големина на фонт

а а а

Жителите на градот кој бил жариште на епидемијата велат дека ситуацијата во остатокот од светот потсетува на онаа во Вухан кон крајот на јануари, но дале практични совети како да ја преживееме блокадата.

Кинескиот град Вухан, во кој прв пат се појавил коронавирусот, конечно ја кренал блокадата по 11 неделен карантин откако бројот на заболени и починати опаднал. 

Додека излегуваат од долгиот карантин, жителите на Вухан делат лекции кои ги научиле од епидемијата и праќаат охрабрувачки зборови и поддршка за остатокот на светот кој моментално се бори со тешката болест, пренесува BBC.

"Се надевам дека луѓето можат да учат од Вухан, така што другите не мора толку да жртвуваат и да направат помалку грешки. На сите ќе ни биде подобро само кога светот ќе ја победи пандемијата", порачала една жителка во видеото.

Блокадата во Вухан е укината денес, на 8-ми април.

Речиси три месеци кинескиот град со 11 милиони жители бил отсечен од остатокот од светот.

"Кога ќе погледнеме во месеците кои изминаа, тоа беше многу важен период во нашите животи. Спомените се драгоцени, но и ужасни", рекол еден брачен пар.

Уште една жителка не сакаа да го опише карантинот како жртвување, туку повеќе сака да каже дека градот го направил најдоброто во борбата против пандемијата, заедно со целата земја.

"Секој што останал дома придонел за тоа", додала таа.

Друга девојка опишала како на почетокот блокадата ја сфатила несериозно и не мислела дека истата е воопшто неопходна.

"Но потоа уследи недостиг на резерви, се појави екстремен страв и не можев да спијам", рекла таа.

Докторите и медицинските сестри молеле на интернет за медицинска опрема, пациентите зборувале дека повеќе нема слободно кревети и не можат да бидат лечени.

"Со време во Вухан пристигна опрема и дојдоа медицински тимови од целата земја. А потоа бројот на нови случаи почна да опаѓа", рекла девојката.

Највпечатливи моменти за време на блокадата

Жителка на Вухан раскажала како успеале да купат месо и брашно преку соседите, па одлучиле да прават кнедли.

"Мојот татко направи кнедли втор пат во 30 години, последен пат тоа се случи кога бев во градинка", се потсетила таа.

Една жена раскажала како нејзиното момче вложило голем труд и направило да и ги прослават Денот на вљубените и нејзиниот роденден во текот на епидемијата.

"Сакав само да излезам надвор, па попатно ти купив и торта", се шегувало нејзиното момче.

Таа додала дека покрај торта, и купил и цвеќе.

"Отиде во продавница да купи и месо, па дури и готвеше", рекла таа.

Практични совети за преживување на блокадата.

"Јавувајте му се често на своето семејство, посебно ако не живее во епицентрите на пандемијата. Ќе бидат загрижени, поради тоа треба да кажете како сте. Многу зборувајте со својот партнер. Многу е ретко паровите да минуваат заедно 24 часа дневно неколку месеци, поради што нивните мани стануваат видливи. Немојте да се карате", советува еден жител на Вухан.

Доколку работите од дома, треба да ги раздвоите работата и приватниот живот.

"Во спротивно ќе полудите", додал тој.

Една жена додала дека времето во карантин треба да го искористиме за да прави нешто за кое претходно сме немале време.

"Читајте, гледајте телевизија, играјте видео-игри, минете време со своето семејство", додала таа.

Совети за остатокот од светот

"Тоа што сега се случува во остатокот од светот изгледа многу слично со тоа што се случуваше во Вухан кон крајот на јануари и почетокот на февруари. Го разбирам очајот кој луѓето го чувствуваат сега", истакнала девојката.

Доколку се чувствувате анксиозно, депресивно и бесно, тоа е нормално, велат жителите на Вухан.

"Блокадата не ви ја одзема слободата, тоа е стручен метод на борба против инфективните болести, така што ќе ја вратите слободата многу набрзо", порачуваат жителите на Вухан.




Спонзорирани линкови

Маркетинг