Ова би можело да биде провокативно, но зарем не би требало ова истражување да се врши во Африка, каде што нема маски, интензивна нега - рекол лекарот.
Светската здравствена организација реагирала по предлогот потенцијалната вакцина против коронавирусот да се тестира на луѓе во Африка.
До одговорот дошло кога двајца лекари на француска телевизија зборувале за тоа дали вакцината против туберкулоза би можела да се користи во борбата против коронавирусот.
"Ова би можело да биде провокативно, но зарем не би требало ова истражување да се врши во Африка, каде што нема маски, интензивна нега, лечење, како што е тоа правено за некои истражувања за сида кои се вршени меѓу проститутки. Тестираме работи, бидејќи знаеме дека се изложени, но не се штитат. Во процес на размислување сме да почнеме да работиме паралелно истражување во Африка", рекол шефот на одделението за Интензивна нега Жан Пол Мира во болницата Кошан во Париз.
Директорката за истражување при Националниот институт за здравје Инсерм, Камил Лохт, рекла дека Мира е во право.
Овие коментари предизвикале бес кај јавноста, а еден од најгласните критичари бил фудбалерот Дидие Дрогба, кој предлогот на лекарите го нарекол "расистички", пренесува News.com.au.
"Не гледајте на луѓето во Африка како да се ваши лабораториски глувци", рекол Дрогба.
Камерунскиот фудбалер Самуел Ето ги нарекол лекарите убијци, а се огласил и директорот на СЗО, Тедрос Адхан Гебрејесус.
"Африка не може и нема да биде место каде ќе се тестира било каква вакцина. Ќе ги следиме правилата за тестирање на секоја вакцина кои се спроведуваат ширум светот, без разлика дали во Европа или Африка", рекол Гебрејесус.
"Го користиме истиот протокол секаде. СЗО нема да дозволи вакво нешто да се случи, а срамно е во 21-виот век нешто вакво воопшто да изговори некој научник", додал тој и истакнал дека мора да се престане со "колонијалниот менталитет".