WhatsApp воведе ограничување за проследувањето на пораки со цел да го спречи ширењето на дезинформации за коронавирусот.
Почнувајќи од денес, пораките кои ќе бидат оценети како често споделувани во еден наврат, ќе може да бидат проследени само на еден контакт.
Често споделуваните пораки се пораки кои се веќе пет пати проследени. Овие пораки WhatsApp ги нарекува „помалку лични пораки“ и смета дека тие можат да придонесат во ширењето на дезинформации.
Ова не е прв пат WhatsApp да воведува ограничување за проследување на пораки. Пред две години во Индија бројот на максимално проследување на пораки во еден наврат беше ограничен на пет после низа на убиства поттикнати од неточни информации споделени преку оваа апликација.
Шест месеци подоцна, во јануари 2019-та година ова правило беше проширено за сите корисници ширум светот.