Цел свет го гледаше евровизиското изведување на песната “Waterloo” на планетарно познатата шведска група “АББА”, која за само 6 поени ја победи италијанската песна “Si” на Џиљола Чинквети во финалето.
Тоа се случи на денешен ден дамнешната 1974 година.
Со оркестарска придружба и машките членови од групата, Ани-Фрид и Агнета во живо ја отпеаја песната пред воодушевената публика во Брајтон.
Учествуваа 17 земји, а дебитант беше Грција. Франција се повлече од учеството поради смртта на претседателот Жорж Помпиду непосредно пред натпреварувањето. Југославија учествуваше со песната “Моја генерација” од “Корни Група” и го зазеде 12-то место.
“АББА” беше победник на вечерта со вкупно 24 освоени поени, донесувајќи ја првата победа на земја од Скандинавскиот полуостров, а со тоа воедно и зацврстувајќи го својот светски успех.
“Waterloo” направи пресврт на Евровизија во смисла дека “традиционалната драматична балада” која дотогаш беше застапена на ова шоу, ја претвори во повесела песна со ритам и настап. Со едноставна кореографија, Ани-Фрид и Ангета беа облечени во впечатливи костими со чизми на платформа, што исто така беше револуционерно.
Исто така, “АББА” беше првиот изведувач кој отпеа на друг (англиски) јазик, а не на својот мајчин јазик. До 1973 година сите држави мораа да пејат на официјалниот јазик на својата држава.