Масимо Морати беше предводник на Интер во историската и најуспешна ера на клубот во неговото постоење, бидејќи сите добро се сеќаваме дека италијанскиот бизнисмен беше прв човек на „нераѕурите“ во сезоната во која Мурињо ја освои триплетата со тимот во кој беше и нашиот Горан Пандев.
Во тоа време, Морати важеше за исклучително добар преговарач и донесе навистина звучни имиња на „Џузепе Меаца“, а сега не отфрла опција неговите наследници да направат вистински „бум“ на трансфер пазарот со ангажман на Лионел Меси. Последната изјава на Морати мора да се каже дека е малку преоптимистичка, но нагласува дека постои реална шанса поради фактот што не го продолжува договорот со Барселона.
– Мислам дека Меси не е забранет сон. Воопшто не е така, сега е во завршницата од договорот со Барселона и ќе се направи неверојатен исклучок ако го донесеме во Интер. Ситуацијата која ја минуваме во овие моменти ќе донесе нешто позитивно или негативно, но мислам дека ќе видиме чудни работи во фудбалот до крајот на годината, – вели Морати за „Радио Раи“.