Пандемијата ја разоткри грдата вистина за капитализмот и познатите личности

Точка

06/04/2020

17:25

8.299

Големина на фонт

а а а

“Славните и богатите очајнички се трудат да докажат дека сите сме еднакви во текот на кризата – всушност кризата покажа колку е тоа далеку од реалноста”, пишува коментаторката Арва Махдави во рубриката за коментари на “The Guardian”.

“Ова тешко време за секого на посебен начин се одразува врз познатите личности. Сега никому не му е битно што носат или со кого се во врска – вниманието на целиот свет е насочено кон пандемијата. Се чини дека некои познати личности увидуваат дека сепак не се толку важни и обожувани како што мислеле. 

Гал Гадот е првата жртва на навала на критики во 2020 година. Ѕвездата на филмот “Wonder Woman” нè убеди дека сите сме заедно во ова преку нејзиното Инстаграм видео во кое ги повикува славните пријатели да ја отпеат “Imagine” од Џон Ленон. Групата на мултимилионери која пее за свет без материјални добра додека голем број луѓе ширум светот остануваат без работа, предизвика бројни критики и коментари на социјалните мрежи.

По неа, светски познатата Мадона одлучи да испрати порака, лежејќи во када преполна со латици од роза. Во видеото таа вели дека Ковид-19 не прави разлика помеѓу богатите и сиромашните, што предизвика осуда од голем број фанови.

Критики предизвика и пејачот Фарел Вилијамс кој на својот Твитер профил ги повика следбениците да донираат пари за болниците. Во коментари луѓето се прашуваат зошто тој не донира пари со оглед на фактот дека е “тежок” околу 150 милиони долари. Вилијамс се огласил со објаснувањето дека веќе направил донација, но се чини дека голем број славни личности попрво ќе побараат од обичните граѓани да донираат пари отколку сами да го “одврзат ќесето”.

##https://twitter.com/Pharrell/status/1242552040145866752?s=20##

Така и готвачот и ТВ ѕвезда Боби Флеј, за кого велат дека вреди 30 милиони долари, објавил “GoFundMe” кампања за да може да ги исплати своите вработени во рестораните. Тоа е капитализмот: во еден момент мора да се ослоните на туѓите пари.

Недопирливоста на славните не е ништо ново, но се чини дека во овој момент луѓето се особено бесни на џет сетот. Коронавирусот направи да е невозможно да ја игнорираме нееднаквоста во сите аспекти од животот. Не само во смисла на заработка туку и во здравствениот систем. Познатите личности имаат пристап до тестови и можат да се тестираат во секој момент додека нашите семејства и пријатели можат да имаат поизразени симптоми и никогаш да не добијат право на тестирање или болнички кревет.

Стана јасно колку не ги цениме нашите највредни работници – медицинските лица, продавачите, возачите и доставувачите кои буквално го одржуваат светот во живот. Од друга страна, никогаш не било појасно колку оние што најмногу заработуваат, најмалку придонесуваат за општеството”, заклучува Арва во својот текст.



Спонзорирани линкови

Маркетинг