Се очекува пикот на коронавирусот, Куманово засега е најкритично

Макфакс

05/04/2020

15:15

2.599

Големина на фонт

а а а

Бројот на заболени од коронавирусот очекувано расте, иако големо изненадување е Куманово, град кој во изминативе 24 часа ја надмина и бројката на заразени во Скопје.

Надлежните директори на здравствените установи на денешниот брифинг со новинарите информираа дека сè уште се испитува на што се должи ова, дали тоа може да се препише на културолошките карактеристики на граѓаните или можеби станува збор големи семејства кои живеат заедно па оттаму се и почестите контакти.

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека ова е моментот кога треба да се направи пресек, со оглед на тоа што во периодот што следува ќе дојде и пикот на заболени, па оттаму се преземаат и дополнителни чекори за превенција и заштита. 

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски информираше дека е изработена апликација која секој ќе може да ја инсталира на својот мобилен телефон, а преку која ќе може да се следат контактите што евентуално ги имало заболеното лице од Ковид – 19. 

Манчевски рече дека станува збор за неинвазивна апликација која нема да ја наруши приватноста, нема да ги открива телефонските броеви на граѓаните, туку ќе работи на база на апликациски броеви. 

Во текот на идниот период се очекува и МАНУ да се приклучи во капацитетот на тестирањето. Освен тоа, реорганизирана е и Градската болница „8 Септември“, извршена е реорганизација на просторот и персоналот, а на располагање има 50-60 кревети со соодветна интензивна нега и операциони сали. 

На денешниот брифинг беше кажано и дека 9.1 проценти од заразените од Ковид-19 се здравствени работници, што според надлежните е очекувано, бидејќи тие се во најголем ризик и се во најблизок контакт со заболените.



Спонзорирани линкови

Маркетинг