Јованоски: Во Прилеп 33 случаи на коронавирус, во Крушево два

Макфакс

05/04/2020

14:35

1.148

Големина на фонт

а а а

Бројот на лица инфицирани со коронавирусот во општина Прилеп се искачи на 33, откако денеска беа потврдени девет нови случаи, соопшти градоначалникот Илија Јованоски, после одржаниот состанок на Општинскиот штаб за управување со кризи.

Тој информира дека во самоизолација се наоѓаат 134 граѓани. Во Инфективното одделение се наоѓаат три лица, а едно лице е во изолација и се чека развојот на неговата клиничка слика.

Јованоски, исто така, кажа дека позитивни на коронавирусот се и две лица од Крушево. 

„Земени се 20 нови брисови од граѓани, чиј исход го очекуваме во наредните денови. Гледајќи го развојот на ситуацијата, можно е во следните денови да има нови заразени граѓани со коронавирусот, па од тие причини апелирам до граѓаните на општина Прилеп да ги намалат социјалните дружења. Не значи дека само полицискиот час и неодењето на работа или во кафулиња ќе го спречи ширењето на коронавирусот, туку и дружењето во домашни услови исто така ја зголемува можноста за нови заразени лица. Истовремено упатувам апел и до матичните лекари и стоматолози да бидат достапни за своите пациенти, тоа е нивна обврска, бидејќи на тој начин сомнителните случаи ќе бидат порано детектирани“, изјави градоначалникот Јованоски. 

Тој напомена дека зголемувањето на бројот на инфицирани лица ќе ја наметне потребата од ангажирање дополнителни медицински екипи од другите одделенија од прилепската Општа болница, кои ќе бидат ангажирани во Инфективното одделение. 

„Седете дома, да нема социјални дружења, затоа што тоа е единствениот начин во овој момент да имаме помалку заразени со коронавирусот“, им порача градоначалникот Јованоски на граѓаните на општина Прилеп.



Спонзорирани линкови

Маркетинг