Тука не сакате да го прекршите карантинот: Овие земји имаат најбрутални казни за прекршителите

Точка

03/04/2020

21:28

5.013

Големина на фонт

а а а

Насилството и понижувањето кое полицијата во земјите ширум светот го применува над граѓаните воглавно ги погодува најсиромашните и најранливите.

Додека сè повеќе земји во светот воведуваат карантин, милијарди луѓе се соочени со рестриктивни мерки, построги отколку што некој некогаш очекувал. На полицијата во повеќето земји ѝ се дава дозвола да го контролира однесувањето на граѓаните на начини кои во некои авторитарни држави би се сметале за екстремни, пишува “The Guardian”. 

Полицијата во Кенија пред неколку дена изразила “искрено сочувство” откако едно 13-годишно момче било застрелано и убиено на лице место на тераса во Најроби додека полицијата патролирала низ градот за време на полицискиот час.


Погребот на 13-годишниот Јасин Хусеин Мојо, кој бил застрелан од полицијата во Најроби

“Викаат на нас и нè тепаат како крави, а ние сме граѓани кои го почитуваат законот”, изјавил Хусеин Мојо, татко на убиеното момче Јасин.

Полициските сили во многу земји користат сурови и понижувачки методи на казнување за да ги задржат најсиромашните и најранливите групи во карантин, помеѓу кои се наоѓаат и десетина милиони луѓе кои ризикуваат да умрат од глад доколку не го прекршат карантинот и не излезат да пронајдат работа за да заработат за оброци.

Во изминатите недели на социјалните мрежи се појавија и видеа од мигрантски работници во Индија кои седат склопчени покрај патот додека ги полеваат со хемикалии, веројатно со цел да ги дезинфицираат пред да влезат во својата провинција. Работниците на враќање од Њу Делхи биле испрскани со средство за избелување кое може да ја оштети кожата, очите и белите дробови, пренесува “Indian Express”.

Во Пенџаб, луѓето кои ги прекршиле мерките биле принудени да прават клекнувања додека пејат: “Ние сме непријатели на општеството. Не можеме да останеме во своите домови”.

Слични методи на понижувања применува и полицијата во Парагвај каде луѓето кои ќе го прекршат карантинот, се приморани да прават некаква гимнастика додека им се закануваат со електрошокер. Некои се приморани и да лежат со лицето кон земја и да повторуваат дека повеќе никогаш нема да излезат од дома.

Иако глобалниот консензус за заштита на јавното здравје во екот на пандемијата бара привремена жртва на некои лични слободи, експертите за човекови права на Обединетите Нации апелираат до националните влади постапките во борбата против пандемијата да бидат “сразмерни, неопходни и недискриминаторски”.



Спонзорирани линкови

Маркетинг