Тоа што сега не е време за козметичар, не значи дека на лицето не можеме да му пружиме нега. Исклучително е важно да не се запоставува секојдневната рутина.
Ние денеска ќе ви помогнеме или ќе ви дадеме идеја како можете да го негувате лицето во домашни услови, со намирници што веруваме секој од нас ги има дома.
Предлозите ги најдовме кај блогерката Вики Андонова, односно „Биодевојка“.
Во продолжение прочитајте 3 различни маски за комплетна нега на лицето:
Потребно: 3 кафени лажички сода бикарбона, 1/2 кафена лажичка мед, 1/2 лажичка вода или млеко.
Подготовка: Во еден сад најнапред ставете ја содата, па потоа додадете го медот и на крајот млекото или водата. Доколку смесата е течна, додадете малку нишесте, додека не добиете убава густа смеса, која нема да тече од лицето кога ќе ја нанесете. Ако е погуста, додадете течност.
Начин на употреба: Маската нанесете ја на убаво исчистено лице, избегнувајќи ја зоната околу очите, со благи кружни движења, како кога правите пилинг. Оставете да дејствува околу 7 минути. По истекот на времето, отстранете ја со козметичко сунѓерче и со млака вода.
Потребно: 1/2 мала краставица, 1 кафена лажичка јогурт, 1 кафена лажичка чај од рузмарин, 1/2 кафена лажичка нишесте.
Подготовка: Пресечете ја краставицата по должина и со помош на лажичка извадете го средишниот дел каде што се семките. Ова е неопходно за да не биде маската премногу водеста. Ставете ја краставицата во блендер и откако ќе ја претворите во крем, додајте ги јогуртот, чајот од рузмарин и нишесте. Убаво измешајте. По потреба додајте некоја од состојките додека не се добие убава хомогена смеса, што не е ниту премногу течна, ни многу густа. Оваа маска има огромно хидратантно и освежувачко дејство врз кожата, меѓутоа и прочистувачко. Доколку имате сува или чувствителна кожа, чајот од рузмарин заменете го со чај од камилица.
Начин на употреба: Нанесете ја маската на убаво исчистено лице, избегнувајќи го делот околу очите. Оставете да делува околу 10 минути. По истекот на времето, отстранете ја со помош на козметичко сунѓерче и млака вода. Миењето завршете го со постудена вода, за да ја подобрите циркулацијата.
Потребно: 1/2 мала банана, 1 кафена лажичка мед, 1 кафена лажичка млеко.
Подготовка: Сите состојки се ставаат во блендер и се процесираат сè додека не се добие убаво изедначена смеса.
Начин на употреба: Маската се нанесува на листа кожа, избегнувајќи ја зоната околу очите и се остава да дејствува околу 15 минути. Потоа се отстранува со козметичко сунѓерче и со млака вода.