ЕУ ќе издвои 38 милиони евра за медицинска опрема за земјите од Западен Балкан

Макфакс

30/03/2020

21:17

1.959

Големина на фонт

а а а

Европската комисија донесе одлука да им додели 38 милиони евра на земјите од Западен Балкан за помош со заштитна опрема и медицински помагала, за да се справат со пандемијата на коронавирус.

По 4 милиони евра се наменети за Албанија и за Северна Македонија, 7 милиони евра за Босна и Херцеговина, 3 милиони евра за Црна Гора, за Косово – 5 милиони евра и за Србија – 15 милиони евра за Србија.Овие средства се наменети за набавка на респиратори, лабораториски комплети, маски, очила и заштитни комбинезони. 

Шест земји од Југоисточна Европа исто така ќе можат да учествуваат во заедничка програма за јавни набавки за заштитна медицинска опрема организирана од Комисијата. Исто така е донесена одлука да се пренасочат веќе издвоените 374 милиони евра од пред-пристапниот фонд за економско закрепнување на овие земји.

Овие средства ќе бидат пренасочени за да му помогнат на приватниот сектор, социјалната заштита, особено за ранливите групи на население и да го зајакнат здравствениот сектор.

„Европа се соочува со невидена здравствена криза, но во овие тешки времиња ние секогаш ќе бидеме таму за нашите партнери во Западен Балкан, чие место е во Европската Унија“, рече комесарот за проширување, Оливер Вархељи.

„Ние им помагаме на нашите партнери да ги задоволат тековните потреби во здравствените системи, како и во долгорочните мерки за ублажување на социо-економските последици од кризата со коронавирус и за поддршка на малите и средни претпријатија“, додаде тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг