Светот го чека економски колапс, но не знаеме каков

Точка

28/03/2020

15:07

4.087

Големина на фонт

а а а

Споредбите со некои од минатите кризи и краховите на берзите не се добар пример - бидејќи, пандемијата на коронавирусот го фрла светот во невидена рецесија.

Нуријел Рубини, истакнат економист и поранешен советник на американскиот претседател Клинтон, во весникот "Guardian" пишува дека никогаш во историјата не сме го виделе ова што сега се случува. 

Големата депресија во 1929-та почнала со крах на Вол Стрит, но последиците постепено се шириле низ светот повеќе од три години. И во 2008-ма година полека се видело во која мера светот на парите тргнал во тешки потфати. Во двата случаи имало време да се создадат мерки и инструменти со кои економијата сепак донекаде би можела да функционира.

Одиме кон рецесија - но каква?

Но, во оваа криза предизвикана од пандемија, не станува збор за три години, туку за три седмици во кои изгледа дека економијата целосно сопрела. Доволно е да излезете на улица - ако е тоа воопшто дозволено - за да се види тоа што пред неколку месеци не можевме ни да го замислиме - целиот економски живот практично е сведен на снабдување со основни намирници.

И пред улиците да станат пусти, и додека вирусот уште не бил ни во најава, водечките германски економисти процениле дека сигурно се оди кон рецесија.

Но, уште никој не може да каже колку длабоко ќе потоне економијата - и колку долго ќе трае таа состојба. Бидејќи за разлика до ударот во 1929-та година, ова е слично на плимски бран кој оди преку целата планета и крајот на проблемите не може да се види.

Во економијата обично секој пад значи подготовка за следен раст. Но, Рубини во својот текст претпоставува дека кривата на растот нема да биде во облик на буквите "U" или "V", не мисли ни дека ќе биде "L" - туку едноставно "I". И тоа надоле - и ништо повеќе.

Тој смета дека дошло момент за државите и нивната поддршка: само централните банки се доволно моќни да почнат таква спасувачка акција. Германците зборуваат за фрлање на пари "од хеликоптер", од никаде. Така би им се помогнало на компаниите кои инаку добро работат, а им се заканува банкрот. И германската влада ветува дека поради корона-кризата нема да има затворање на фабрики, но во компаниите ширум светот се шири чувството на целосна беспомошност.

Европската централна банка веќе најавила програм од повеќе милијарди евра, слично најавил и Трамп. Во САД стапката на невработеност преку ноќ скокнала за 20 проценти

Но, има економисти кои не мислат дека интервенциите на централните банки се решение за сите проблеми - тие уште одамна ги спуштиле своите референтни каматни стапки се до нулата, а и масовниот откуп на државни обврзници во Европа дури и пред корона-вирусот не довел до очекуваниот брз економски раст во цела низа држави од еврозоната. Меѓу нив е и Италија, и нема никакви сомненија дека таму сега мораат да преземат сеопфатни фискални мерки.




Спонзорирани линкови

Маркетинг