„Левица“: Да се воведе итен мораториум за отпуштања од работа

Макфакс

26/03/2020

21:20

1.656

Големина на фонт

а а а

Од политичката партија „Левица“ информираат дека секојдневно добиваат анонимни пријави за манипулирање и кршење на работничките права, како и зачестени масовни отпуштања поради новонастанатата криза.

„Најновата пријава е за 60 отпуштени работници од фирмата Казино Меркур од Гостивар поради неможност да продолжи истата со работа“, се наведува во партиското соопштение.

Во него се додава дека иако законски овие работници имаат право да добијат испратнина од страна на компанијата, тие сѐ уште го немаат добиено законскиот надоместок кој им следува.

„Согласно информациите кои што ги добивме од работниците, оваа фирма постапувала на нечовечен начин кон овие 60 работници, при што неколку пати самите пријавувале нерегуларности во Државниот Инспекторат за Труд во однос на неисплаќање на регрес, недобивање на законски предвиден број на денови од годишен одмор, правилна наплата на дневници при работа во смени и слично“, објаснуваат од „Левица“.

Од таму додаваат и дека случајот го проследиле до Државниот трудов инспекторат и истовремено повикуваат на итен мораториум на сите отпуштања за време на настанатата криза.

„Егзистенцијата на голем број граѓани е директно загрозена. Во најбрз можен рок Владата мора да усвои мерки со кои ќе ги заштити работниците кои го изгубиле своето работно место. Како една од мерките која ‘Левица’ ја предлага е обештетување на работниците кои го изгубиле своето работно место во износ на минималната плата, и тоа во најбрз можен рок“, посочуваат од политичката партија.




Спонзорирани линкови

Маркетинг