Нов рекорд! 3,3 милиони Американци добиле отказ за една недела

Точка

26/03/2020

21:16

4.061

Големина на фонт

а а а

Рекордни 3,3 милиони Американци се пријавиле за надомест за невработени минатата недела, што без конкуренција е највисок број во американската историја.

Досега рекордот го држела неделата од октомври 1982-ра година, кога 695.000 луѓе добиле отказ во иста седмица. Бројот од 3,3 милиони невработени е еден од бројните показатели како кризата со коронавирусот ќе влијае на американската економија, за која Конгресот вчера одобрил помош од 2000 милијарди долари. 

Пред три недели само 200.000 луѓе се пријавиле за надомест за невработени, што било најмалку во историјата. "New York Times" пишува дека шокантниот број на откази не ја отсликува реалната слика на ударот на американската економија, со оглед на тоа дека голем број на американски работници не можат да аплицираат за надомест, а станува збор за оние кои работат на половина работно време, оние кои имаат многу ниски плати, самовработените и оние кои работат на договор на дело.

Аналитичарите очекуваат дека ова е само почеток и дека следните бројки ќе бидат уште попоразителни. Експертите сметаат дека кризата со коронавирусот целосно ќе го избрише економскиот раст во последните десет години.

Речиси сите сојузни држави вовеле делумни или целосни рестрикции за работа, поради што државата губи страшно многу пари, па американскиот претседател Доналд Трамп најавил дека веќе околу Велигден очекува укинување на рестрикциите и повторно придвижување на економијата, со што експертите не се согласуваат.

Администрацијата на Трамп прв пат по 50 години го намалила бројот на невработени под 4,0 проценти. До минатата недела во САД имало нешто помалку од 6 милиони невработени, односно 3,5 проценти, така што овие 3,3 милиони се пораст од речиси 50 проценти.

Во Америка моментално има повеќе од 70.000 заразени со коронавирус, а починале повеќе од илјада лица.




Спонзорирани линкови

Маркетинг