Трета жртва на коронавирус во земјата – почина жената од Дебар што беше на респиратор

Нетпрес

25/03/2020

16:34

2.815

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека во изминатите 24 часа се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата, како и за уште еден смртен случај поврзан со Ковид-19.

– Почина пациентката која подолго време беше поставена на респираторна машина на Инфективната клиника. И покрај сите напори на лекарите и медицинските сестри и интензивната терапија, за жал таа денеска почина пред неколку часа. Беше на 66 годишна возраст и во историјата имаше дека прима хронична терапија за хипертензија – изјави Филипче.

Tој рече дека од новите случаи во Главниот град се 20 лица, три лица се од Куманово, во Велес има три лица, две во Прилеп и едно во Дебар, како и дека околу 10.000 лица се во самоизолација.

Пет лица вработени на Кожната клиника се позитивни на коронавирус покажале вчерашните тестирања. Досега се направени 30 теста на лицата кои имале контакт со директорката на Кожната клиника и од нив 5 се позитивни. Во следните денови ќе се направат и други тестови на лицата кои имале контакт со неа.

Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот изнесува 177 лица од кои 1 излекуван и 3 починати пациенти.

Владата ја разгледува можноста како да се намалат комуникациите меѓу граѓаните во Скопје за време на викендот со цел да се намали интеракцијата и блиските контакти.

Минситерот Венко Филипче не кажува дали се разгледува можноста за затворање на општините или целосниот влез и излез од Скопје, но вели дека сигурно ќе има нови мерки од понеделник со цел превенција од ширење на коронавирусот.

„Се разгледува можноста за градот Скопје. Во овој момент се дискутира по предлог од Комисијата за заразни болести за дополнително ограничување на комуникациите за време на викендот. Дискусиите одат во насока на тоа да се намалат дискусиите за време на викендот, за да се намалат социјалните контакти и да се застане на патот на шиење на вирусот“, посочи Филипче.

Во однос на Куманово останува само мерката да се прекине меѓуградскиот и градскиот превоз, но нема целосен карантин како што е во Дебар и Центар Жупа.

„Во однос на Куманово Владата одлучи да се прекине градскиот и меѓуградскиот превоз. Имајќи предвид дека еден од заболените живее во населба надвор од Куманово. Во иста смисла се разгледува и за градот Скопје. Добро е што голем дел од заболените биле во самоизолација“, рече Филипче.



Спонзорирани линкови

Маркетинг